slika-logo
slika-iilogo
 
         

 

 

 

Галичка свадба
Галерија
Галичка носија
Контакт

 

 

Посебно карактеристична е народната носија на Мијаците, зачувана како единствена, не само кај оние во матичната област, туку и кај нивните преселници во другите предели во Македонија. Машката мијачка носија, компонирана со бројни облеки од дебела волнена валана клашна, ги носи сите белези на планинско сточарска носија. Носијата на жените ја карактеризираат белата долга платнена кошула со ракави богато извезени со специфичен ажурен вез "кинатица" и обилни црвени волнени рески, како и повеќе клашнени облеки со раскошна декорација од срмен вез и црвени гајтани. Масивен метален накит ја дополнува целокупната композиција на оваа изразита и богата народна носија.

Главната одлика на општествениот живот на Мијаците е силно изразената патријархалност, присутна во сите сфери на живеењето, мошне нагласена преку носијата. Како резултат на тоа, таа се задржала статична и непроменета во својата позната форма скоро до наши дни. Подетално ќе дадеме излагање за машката и женската носија.

носија

 

Машката носија е составена од кошула, џамадан (минтан), бечви, појас, долама, кепе (зобанче), зобан, чорапи, објала, опинци, капи, ќустек. За секој дел од машката носија ќе го разгледаме подетално.

Кошулата е изработена од тенко домашно памучно платно, со рамно кроени и широко отворени ракави (стар вид) или набрани со помош на белегија (манжетна) (понов вид). Зетовски, односно празничните кошули носени до почетокот на овој век биле везени со бел вез (со бели синџати) и бели кемсиња на корилот (јаката) и на манжетните од ракавите. Во овој вид декорација преовладувал мотивот машкаре , прошаран со црвенце (мрва црвено преждиче). Џамадан или минтан преставувала горна допојасна облека од клашна или од свите (чоја) по боја бел, драп, моров, без ракави или со нив, на лактите украсени со колчази (декоративни елементи) од гајтани и кадифе. Предниците и ракавите биле украсени со купечки петлици (копчиња).

носија1

Бечви биле изработени од бела клашна, кроени со прилично широко седло. Се носеле врзани под стомак, по што се разликувале од соседите кои бечвите ги врзувале над стомакот. Од средината на листовите до глуждовите се закопчувале со копци, додека под колена се пристегнувале со потколенки. Се украсувале со црни или зелени гајтани. Се носеле и бечви од црна клашна, украсени со црни гајтани. Појасот бил исткаен од чиста вишна волна и се јавувал во две варијанти како еднобоен и прошаран со прави напречни шарки или во каро комбинација. Доламата преставувала горна празнична облека од бела клашна, со долги ракави, долга до колена. Ракавите, под мишките била расечена, и се носела на два начина, едниот е рацете да бидат проврени преку целата должина на ракавите или само низ расечениот дел под мишките (и на тој начин носени паѓаат назад кон грбот и се опашуваат за појасот). Доламата до горниот дел е препиена до телото, а од половината надолу се проширува ѕвонесто со помош на многу клиње. Од страните на клиновите има џебови. По рабовите е опточена со зелена оптока, а предниците и ракавите се украсени со црни гајтани и бикме. На лаките ракавите се орнаментирани со колчази и со пулејки, а предниците (градниот дел) е украсен со петлиња и со криваче.

слика-бечви

Кепе или зобанче е горна долнопојасна облека изработена од црна клашна, со куси ракави до лактите, со голема јака кој по потреба (обично порано во лошо време) се формира во ќулавка (капа). Зобан преставувала типична сточарска горна облека, од волненокозинена ткаенина по крој била многу слична на кепето (зобанчето), но поширока, долга под колена. Се носела и на денот на свадбените обичаи. Чорапите биле плетени од волна, орнаментирани или чисто црни (ластикли). Шарените чорапи се носеле кога се облекувале кондури. Објала се изработувала од црна или од сива клашна, која била наменета за обвиткување на нозете (обично од колената до стапалата). Опинците се носеле од пресна кожа кои биле нарекувани неправени или од штавена кожа познати како правени или како сејменски. Неправените опинци или опинците изработени од пресна кожа со помош на опчајници се пристегнувале преку објалата. Младоженците на денот на венчавањето носеле најчесто црвени чевли. Се носели и чевли од црна кожа, познати како чилипи. Капите кои ги носеле мажите биле од некоку вида. Терлик капа била најстар вид на капи (плетена капа), околу неа се обмотувала чалма, која се носела висната на грбот (во чалмата се носел чешел за перче или перчек, кој исто така се носел во неа). Друг вид на капа била туно-фес преставувал плиток фес, со голем син пискул, кој паѓал позади грбот, најчесто се носел во празнични прилики и како составен дел од носијата на младоженецот главно до Првата светска војна. Шапче или капче била плитка округла капа од црн сатен, украсена со штепови, започнела да се носи од крајот на минатиот век и денес се носи за време на одржување на Галичката свадба. Ќустек преставувал сребрен накит кои бил наменет за носење за на гради кој бил изработуван од кувенџии.

 

слика-појас

 

 

 

 

Copyright © 2007 Институт за Информатика - Скопје, CDNH - Скопје