slika-logo
slika-iilogo
 
 

 

 

 

Галичка свадба
Галерија
Галичка носија
Контакт

 

 

 

 

Речиси 4 децени, со мали прекини, на Петровден (12 јули), во Галичник се одржува атрактивната туристичка манифестација „Галичка Свадба”-единствена од ваков вид во нашата држава и пошироко.Токму оваа манифестација придонесе да се асфалтира патот низ Бистра, од Маврово до Галичник, во 1974 година, со што започна обновување на галичките куќи, кои се со специфична и автентична архитектура, дури почнаа да се градат и нови..Сето ова овозможува во Галичник да се врати животот од Ѓурѓовден до Митровден, но се прават напори животот да опстојува и во зимските месеци, континуирано цела година.Петровденската Галичка свадба е богата со многу оригинални, единствени и неповторливи свадбарски обичаи и ритуали. Во деновите на свадбата, пиштат зурлите и ечат тапаните „од Галичник до Река”, со сиот подземен и надземен екот кон каменот на Бистра и небесниот свод. Тие придружници на печалбарите на овој крај на Македонија, секогаш ја најавуваат Галичката свадба која е со најмногу сватови, бидејќи на Петровден се правеле и по педесетина свадби.

 

   

 

И денеска сеуште е актуелна една порака од народната песна во која народниот пејач, за овој ден, на галичкиот печалбар му порачува: „каде и да си-за Петровден дома да си”. И навистина: галичките печалбари растурени ширум светот брзале, не жалејќи ни пари ни време, на овој ден да бидат дома меѓу своите. И сега како и порано, Галичани на Петровден се во својот Галичник и меѓу своите.

Секоја година за време на Галичката свадба, се почитуваат голем број на обичаи кои ја карактеризираат оваа свадба: чекањето на тапаните, свекрвино оро, носењето на невестата на вода, поставувањето на свадбарскиот бајрак, канењето на мртвите, бричењето на зетот, земањето на невестата, замесувањето на лебот, венчавањето во црквата „Св. Петар и Павле”, и други обичаи, кои полека изумираат но кои во себе содржат и кријат многу детали од животот на Галичанецот во минатото. Накратко, ќе дадеме осврт на некои обичаи кои се изведуваат за време на Галичката свадба.

 

 

Од сретсело блика божественост - од камен исклесана убавица, православната црква Св. Петар и Павле

Ѕвоната на овој божји храм ќе ја акцентираат кулминацијата на возбудата при венчавката на избраниците, кои Господ ќе ги спои за човек да не ги раздвои. Двете половини на идното цело ќе бидат централни ликови и причини за одвивање на низа обичаи и свадбени церемонии. Љубовта уште еднаш ќе биде мотив за повторно да се слушнат пискотници од Галичник до Река, но овој пат пискотници на зурлите и топаните, кои ќе ја означат радоста, смеата и веселбата. Затоа дојдете, заедно ќе славиме, ние живите и оние мртвите, бидејќи како што вели Петре М. Андреевски:...Животот никогаш не смее да биде слава само на живите, зашто и мртвите некогаш биле живи, зашто и живите еднаш ќе бидат мртви и голем грев е нивната врска да се прекине.

Адетите, некогаш биле изведувани со недели, а денес збрани од сабота навечер до неделата попладне, ја имаат истата силина во вербата. Обичаите биле и се во функција на младоженците, за нивната благосостојба и заштита од зли духови, лоши очи и магии, а сето тоа возвишено на ниво на ритуал, поедноставено до степен на симбол. Секоја година, традиционалниот културен настан, Галичка Свадба се изведува на просторот пред фонтаната Упија. Оваа културна манифестација секоја година ја посетуваат над 5000 посетители кои уживаат во убавината на свадбените обичаи.

 

 

 

Copyright © 2007 Институт за Информатика - Скопје, CDNH - Скопје