slika-logo
slika-iilogo
 
 

 

 

 

Галичка свадба
Галерија
Галичка носија
Контакт

 

 

 

 

Посебно карактеристична е народната носија на Мијаците, зачувана како единствена, не само кај оние во матичната област, туку и кај нивните преселници во другите предели во Македонија. Машката мијачка носија, компонирана со бројни облеки од дебела волнена валана клашна, ги носи сите белези на планинско сточарска носија. Носијата на жените ја карактеризираат белата долга платнена кошула со ракави богато извезени со специфичен ажурен вез "кинатица" и обилни црвени волнени рески, како и повеќе клашнени облеки со раскошна декорација од срмен вез и црвени гајтани. Масивен метален накит ја дополнува целокупната композиција на оваа изразита и богата народна носија.

Главната одлика на општествениот живот на Мијаците е силно изразената патријархалност, присутна во сите сфери на живеењето, мошне нагласена преку носијата. Како резултат на тоа, таа се задржала статична и непроменета во својата позната форма скоро до наши дни. Подетално ќе дадеме излагање за машката и женската носија.

 

 

 

Машката носија е составена од кошула, џамадан (минтан), бечви, појас, долама, кепе (зобанче), зобан, чорапи, објала, опинци, капи, ќустек. За секој дел од машката носија ќе го разгледаме подетално.

Кошулата е изработена од тенко домашно памучно платно, со рамно кроени и широко отворени ракави (стар вид) или набрани со помош на белегија (манжетна) (понов вид). Зетовски, односно празничните кошули носени до почетокот на овој век биле везени со бел вез (со бели синџати) и бели кемсиња на корилот (јаката) и на манжетните од ракавите. Во овој вид декорација преовладувал мотивот машкаре , прошаран со црвенце (мрва црвено преждиче). Џамадан или минтан преставувала горна допојасна облека од клашна или од свите (чоја) по боја бел, драп, моров, без ракави или со нив, на лактите украсени со колчази (декоративни елементи) од гајтани и кадифе. Предниците и ракавите биле украсени со купечки петлици (копчиња).

 

 

 

Бечви биле изработени од бела клашна, кроени со прилично широко седло. Се носеле врзани под стомак, по што се разликувале од соседите кои бечвите ги врзувале над стомакот. Од средината на листовите до глуждовите се закопчувале со копци, додека под колена се пристегнувале со потколенки. Се украсувале со црни или зелени гајтани. Се носеле и бечви од црна клашна, украсени со црни гајтани.

 

 

 

Copyright © 2007 Институт за Информатика - Скопје, CDNH - Скопје