slika-logo
slika-iilogo
 
 

 

 

 

Галичка свадба
Галерија
Галичка носија
Контакт

 

 

 

 

"Мијаците ќе се речет едно име од сиве Македонци, зашто Мијаците се дојдени најнапред у Македонија, кога се насељувале у Илирија, та затова едно; а друго, това име е произлезено овака: све помеѓу себе намиљос си вељат. А Мијаците се вељат и затова, зашчо имајет уште еден јазик од овја, кој е оделен, а тој им је ластовечки и тајни, меѓусебе кога им треба си зборувајет."

 

 
Како светлост на ѕуница, овие зборови на галичанецот Ѓорѓија М. Пулевски ги расветлуваат премногуте тајни, загатки, претпоставки. И тогаш, секавично се поставува прашањето: Дали дрвото без корени може да даде плодови? Дали буквите на галичките ракави во себе содржат мистериозни пораки? Дали нашите предци говорат преку тајни симболи, напишани и возможно читливи само преку традиционалните вредности? Дали...?

 

Мијаците во Македонија се населени главно во повеќе населби од областа Река, Дебарско. Во историјата уште не е објаснето како, каде и по што Мијаците го добиле своето име, макар што за тоа има повеќе претпоставки. Главно е тоа што и по името се разликуваат од своите соседи Брсјаците.

Мијаците се претежно сточари, што го условуваат добрите географски прилики, планинскиот предел каде што живеат. Поради ова, во минатото, особено во текот на XVIII и XIX век, тие доста страдале од Арнаутите и од Турците, кои често ги напаѓале, за да им ги одземат нивните страда. Така и во овој крај се развило вистинско пљачкашко стопанство. Тоа го потврдува и предговорникот од Зборникот на Панојот Ѓиновски - П. Ровинскиј, кој вели: ,, Како резултат од постојните нереди, во овој така зафрлен крај, како што е Дебарскиот, владее правото на посилниот. Се случува често да се опљачка сета стока од христијаните (се мисли на мијачкото население од овој предел) така што тие сосем остануваат скоро без никакви средства за живот". Поради ваквите тешки економски услови, во текот на двата века (XVIII и XIX) се јавува печалбарството како специфична стопанска гранка на овој предел.

Исто и потребата од заедничка одбрана на своите стада, пасишта и домови ги натерале Мијаците да ја зачуваат, па дури и да ја зацврстат својата родовска зедница, која веќе почнала да слабее поради разните пресметувања на населението. Според тоа, тие успеале, како посебна етничка група, да се одржат, да создадат и зачуваат многу свои богати и разновидни етнички карактеристики - обичаи, носија, начин на живеење и сл. Тие нивни битови карактеристики се одделуваат со посебно богатство и симболичност од особеностите на другите етнички групи во Македонија. Покрај тоа, од крајот на XVIII и во текот на целиот XIX век, тие играат видна улога во македонската преродба, поради што оваа група е позната и надвор од нејзините етнички предели. Таквото богатство на мијачките обичаи, со сета нивна зачуваност и содржајност, го среќаваме особено во најголемата мијачка населба, Галичник, кое се споменува уште во XIV век. Некои научници сметаат дека било основано во X век од сточари што дошле од реката Галик кај Солун, а други пак велат дека е тоа ново село, основано од селани што го напуштиле соседното ,,Старо Село", кое сега веќе не постои.

 

 

 

Copyright © 2007 Институт за Информатика - Скопје, CDNH - Скопје