Големи Град: вистинскиот и единствен пуст остров во Македонија - кој распослан како голема школка се протега среде Преспанско Езеро.
Се наоѓа покрај западниот брег на Преспанското Езеро во близина на тромеѓето на Македонија, Албанија и Грција. Зафаќа површина од 21.9 ha, долг е 800 м а широк 400 м.  Бреговите се стрмни клифови високи 4 – 6 м тешко пристапни. Островот Голем Град е живеалиште на 160 видови папрати и семејни растенија, 20 видови медитерански растенија, а јужноевропскиот флорен елемент е застапен со 80 видови. Тука се имаат засолнето многу растенија, голем број од нив се, навистина, многу ретки, а за други, пак, Голем Град е единственото живеалиште.  Што се однесува до животинскиот свет, Голем Град е богат со разни видови безрбетници, влечуги, птици и зајаци. Островот Голем Град има зоолошко значење бидејќи на него или во неговата непосредна околина се гнездат или живеат многу видови птици меѓу кои и некои многу ретки и загрозени видови како што се: белата чапја, пеликанот, пиштарката, големиот корморан и големата брегова ластовица. На островот има и каратктеристичен и впечатлив растителен свет претставен со вековна шума на дива фоја. Интересно е и присуството на копривката Celtis glabra која се среќава само на планината Кафказ и на овој мал остров. Голем Град е дом и за патките, кои гнездата ги свиваат меѓу камењата на брегот, ластовичките, пеликаните и за други видови птици. Импресионира фактот што на површина од само 20 хектари успеваат да опстанат толку различни и ретки видови растителен и животински свет.
Во летен сончев ден крајбрежјето станува вистинска плажа за голем број водни змии- езерски белоушки, кои провлекувајќи се низ камењата се печат на сонцето. Ги има во сите големини и со различни шари. Овој остров за нив е вистински рај. Имаат храна во изобилство, а речиси и немаат посериозни непријатели на островот.  И додека уживате во мирното езеро и во звукот на инсектите, не чудете се ако тишината ви ја нарушат јатата од стотици корморани. продолжува... назад кон мени..