Predna


      Во 2001 година во Република Македонија, под планинскиот врв Татиќев Камен во општината Старо Нагоричане, беше откриен археолошки локалитет од бронзеното доба во развојот на човековата цивилизација. Пронајдените артефакти во археолошките кампањи, како и спроведената археоастрономска анализа во годините кои следеа, покажаа дека локалитетот ги има сите карактеристики на митска света планина, но и на древна опсерваторија. Денес овој локалитет е познат под името Мегалитска опсерваторија Кокино или едноставно Кокино.
      Мегалитската опсерваторија Кокино се наоѓа во североисточниот дел на Мaкедонија, во близина на границата со Србија (попрецизно: географска ширина 420 15’, географска должина 210 57”). Таа се наоѓа во атарот на селото Кокино, на границата со селото Арбанашко. Целиот регион денес е ретко населен, така што во десетината околни села живеат помалку од 1 000 жители.                   
      Интересно е да се каже дека според легендите кои ги раскажуваат селаните, во далечното минато во овој регион се одгледувале многу коњи, а многумина жители биле вешти коњаници. Според некои тврдења, голем дел од елитната коњаница на големиот Александар Македонски била составена од жителите на овој регион и на неколку наврати му го спасиле животот на големиот војсководец. За овие настани има и пишани сведоштва во историјата.
      Во поширокиот регион регистрирани се голем број на археолошки наоѓалишта од римскиот и пошироко античкиот период, но исто така има и голем број на наоѓалишта од железното, бронзеното и неолитското време. Тоа значи дека целиот регион има историја во должина од  најмалку 7 000 години преполна со значајни населби, светилишта, настани и личности.

 
Copyright 2007 © Институт за Информатика