Живот

За животот на Кирил и Методиј

    Детските и ученичките години Константин и Методиј ги поминале во родниот град Солун. Нивните богати и угледни родители Лав и Марија им овозможиле уште од мали години да се здобијат со солидно образование. Тоа пак, подоцна им овозможило да заземат високи државни функции.

    Согласно византиските обичаи, Методиј како најстар син нa Лав, требало да го следи животниот пат на неговиот татко. Уште од детски години тој бил даден да се школува во оние солунски училишта во кои учениците главно се подготвувале за извршување на воено административни должности. Во таквите општообразовни училишта, учениците се здобивале со општи и позадлабочени знаења од областа на филозофијата, историјата, реториката, јазикот, музиката, геометријата, астрономијата и др. По завршувањето на општообразовното училиште, Методиј го продолжил школувањето во оние училишта каде слушателите главно се здобивале со воени знаења и се подготвувале за извршување воено-административни должности во Византија. Методиј, кој бил физички добро граден, уште како ученик почнал да се истакнува во совладувањето на воените вештини, при што дошле до израз "неговата бистрина" и "мудрост". Сето тоа му овозможило по завршувањето на школувањето, уште млад да се здобие со воена слава. Од Пофалното слово на Кирил и Методиј се дознава дека Методиј бил засакан од "сите владетели" и дека "во службата на сите им бил мил, а во војната се пројавувал како крилат, како Самсон и како Гедеон и се покажувал страшен како Исус Навгин". Воените подвизи на Методиј му овозможиле уште на дваесетгодишна возраст византискиот император да го удостои со војводски чин и да го постави за управител на "словенското кнежевство" во Македонија.

    Помладиот брат Константин , за разлика од Методиј кој се до крајот на 855 година предано и служел на Византија при извршувањето на световни должности, уште од детски и ученички години својот животен пат го насочил кон совладувањето на поголем број предмети кои подоцна му овозможиле да се нареди меѓу најучените луѓе на својата епоха: да стане професор по филозофија на Магнаурската школа во Цариград, со помошта на Методиј во 855 година ја создаде словенската азбука и со тоа да изврши епохален пресврт врз културниот развиток на целиот словенски свет и да се здобие со слава на "нов апостол".

    Лав и Марија му овозможиле на Константин да се школува во оние солунски училишта кои ги посетувале само "синовите на богатите" семејства. Константин уште како дете почнал да се истакнува како талентиран ученик. Според вестите од Панонското житие младиот Константин за разлика од неговите соученици кои имале "обичај да се забавуваат со лов" и сл., целосно се посветил на учење и затоа брзо ги надминал во совладувањето на одделните науки. Уште на седумгодишна возраст тој бил пленет од тајните на филозофијата. Сестрано ги проучил филозофските погледи на познатиот византиски филозоф од IV век Григориј Богослов(Назиански). Од овој голем мислител и познавач на античката филозофија, Константин толку многу научил и се воодушевил, што решил да го избере за негов "просветител и учител". Уште како ученик во Солун, Константин во негова чест напишал пофалба, која скратено во словенски превод ја пренел и житиеписецот на неговото Панонско житие. Подоцна Константин напишал и друго дело во кое му изразил признание на неговиот учител Григориј Назиански. Како ученик Константин добро ги проучил и познатите богослови Анастасиј Александијски, Јован Златоуст, Ефрем Сирин, Јован Дамаскин, Теодор Студит и др.

    Уште како ученик во Солун Константин добро го совладал грчкиот државен јазик, како и еврејскиот, кој го научил од своите улични другари-Евреи. Сето тоа му овозможило длабоко да навлезе во тајните на повеќе науки.

    По смртта на татко му Лав во 841 година, неговите роднини и пријатели не допуштиле талентираниот Константин да не го продолжи школувањето. На четиринаесетгодишна возраст во 842 година тој бил испратен да го продолжи школувањето во познатата Магнаурска школа во Цариград. Најголема заслуга за тоа имал логотетот Теоктист, кој за време владеењето на импрераторот Михаил III фактички ја водел државната управа во Византија. Во Магнаурската школа која во овој период била на ранг на универзитет, Константин имал можност да се напојува од знаењето на најпознатите учени луѓе во Византија, меѓу кои најдоминантни фигури биле Лав Математичар(Филозоф) и Фотиј. Длабокото навлегување во тајните на световните науки Константин го должел на својот учител Лав Филозоф, додека доброто познавање на христијанската богослужба на филозофот Фотиј со кого воспоставил и блиски пријателски врски. Покрај тоа што ги слушал предавањата на Магнаурската школа, Константин станал член и на Фотевиот филозофски кружок, што се одржувал во неговиот дом.

    За брзото совладување на одделните научни дисциплини на Константин му помогнала и поседуваната "духовна дарба, како на апостол да зборува на разни јазици" се вели во Пофалбата на Кирил и Методиј. Од Проложното житие на Кирил се дознава дека тој за кратко време научил да зборува четири јазици: грчки, латински, сиријски и еврејски. Дека Константин владеел добро повеќе јазици и самиот изјавил за време воведувањето на полемичката расправа со тријазичниците во Венеција: "Му благодарам на мојот Бог, подобро од вас ги познавам јазиците".

    Уште за време на школувањето во Цариград, Константин длабоко навлегол во тајните на филозофската наука, која опфаќала повеќе дисциплини и се делела на внатрешна и надворешна. Првата ги опфаќала световните науки, посебно грчката филозофија, а втората христијанската богослужба. Теофилакт Охридски во Климентовото житие со нагласеност истакнал, дека Константин бил "голем во јазичната филозофија, а уште поголем во Христијанската". Затоа големиот државник Теоктист, во договор со Теодора, мајката на императорот Михаил III, решиле да не го испуштат од нивната средина талентираниот "млад филозоф" Константин.

    По завршувањето на школувањето во 847 година, Константин бил задржан на служба во Цариград. Откако бил "потстрижен" и се здобил со духовен чин, бил назначен за библиотекар во Цариградската патријаршија, извршувајќи ја истовремено должноста патријарширски секретар. Меѓутоа, библиотекарско-секретарската должност не го привлекувала младиот филозоф Константин. Тој го искористил доаѓањето на патријархот Игнатиј(847-858) на чело на Цариградската патријаршија во јуни 847 година за да ја напушти библиотекарко-секретарската должност и се засолни во еден од манастирите во европскиот дел на Босфорот. Во врска со тоа неговиот житиеписец истакнува:"A тој, откако остана на таа должност мошне кратко време, се оддалечи кон Тесното Море(Босфорот) и тајно се сокри во еден манастир. Го бараа шест месеци и одвај го најдоа". По одлука на византискиот двор Константин уште истата 847 година бил назначен за професор по филозофија на Магнаурската школа. Во врска со тоа неговиот неговиот житиеписец  соопштува:"Бидејќи не можеа да го присилат да се врати на таа(библиотекарско-секретарска должност), го наговорија да прими предaвaчка кадетра и да предава филозофија на домашни и туѓинци, со соодветниот службен чин и плата". Константин со задоволство ја прифатил професорската должност, бидејќи како што се вели во Италијанската легенда, тој "уште во раното детство заслужено бил наречен филозоф". Додека стоел на чело на катедрата по филозофија во Магнаурската школа, Константин за кратко стекнал голема популарност кај своите ученици, кои потекнувале од повеќе земји на Европа и на Азија. Во овој временски период нему му бил додаден и официјално епитетот "филозоф" и станал познат како Константин Филозоф. Како професор по филозофија во Магнаурската школа Константин Филозоф стекнал голем углед и доверба кај византискиот двор, особено по извојуваната верска победа над бившиот иконоборски патријарх Јован VII Граматик. Тоа, пак влијаело во самиот почеток на 50-тите години на IX век да биде прекината неговата професорска кариера во Цариград и од страна на византискиот царски двор да биде ангажиран во извршувањето на мисионерската работа меѓу Словените во Македонија, кои како словенски кнез ги управувал неговиот постар брат Методиј. Како византиски мисионер Константин Филозоф требало да му помогне на Методиј да ги зајакне византиските позиции во управуваното "словенскo кнежество", кои од 40-те години на IX век биле загрозени од бугарскиот владетел Пресијан(836-852), кој спуштајќи се по реката Струма настојувал да го освои и градот Солун.