Дејност и мисии - Рим

Престојот во Рим

Папата Николај, слушајќи за Светите браќа Кирил и Методиј, со љубезна покана ги повикал да дојдат кај него во Рим. Тие со задоволство ја прифатиле неговата покана и тргнале за Рим. Патем се задржале во Панонија, кај кнезот Коцел. Тој со радост ги примил во градот Блатно и покажал голем интерес кон словенската писменост научувајќија самиот тој азбуката,а истотака им дал педесет ученика да ја научат азбуката и Словото Божјо на словенски јазик. На испраќањето им укажал големи почести и им понудил разни подароци. Но тие, како од Ростислав, така и од него не сакале да земат, ни злато ни сребро, ниту други нешта туку го кажувале евангелскиот збор бесплатно и само измолиле од двајцата слобода на околу деветстотини заробеници.
Од Панонија, на пат за Рим, Светите браќа наминале во Венеција. Таму латински и германски епископи, попови и црнорисци се нафрлиле на Константин како врани на сокол, и ја подигнале тројазичната ерес зборувајќи: "Човече, кажи ни како си им ги создал на Словените книгите и ги учиш од нив, што досега никој не измислил, ниту апостолите, ниту римскиот папа, ниту Григориј Богослов, ниту Ероним, ниту Августин? А ние знаеме само три јазика на кои е достојно во книгите да се слави Бог - еврејски, елински и латински". Филозофот на тоа им одговорил: "Не врне ли дожд од Бога подеднакво за сите? А сонцето не грее ли исто така за сите? Зарем не дишеме воздух сите подеднакво? Па тогаш, како не се срамите да признаете само три јазика, а за сите други народи сакате да бидат слепи и глуви? Кажете ми дали Бога го сметате толку бессилен што не може да го даде тоа, или толку е завидлив што да не сака? А ние познаваме повеќе народи што се вешти на книги и го слават Бога секој на свој јазик. Од нив познати се следните: Ерменците, Персијанците, Апхазите, Грузијците, Сугдите, Готите, Обрите, Турците, Хазарите, Арабјаните, Египќаните, Сиријците и многу други. Ако пак не сакате со тоа да се сложите, тогаш светите книги нека бидат судија". Со вакви и слични зборови блажениот Константин во доволна мера ги разубедил и посрамотил латинските и германските свештеници. Но додека биле Светите браќа во Венеција, умрел папата Николај и на неговото место бил избран Андријан. Дознавајќи новиот папа дека Константин и Методиј се наоѓаат во Венеција, веднаш со молба ги повикал во Рим. Кога Светите браќа се приближиле до Рим, самиот папа им излегол во пресрет со целиот свој клер и многу граѓани со запалени свеќи, бидејќи тие ги носеле моштите на Св. Климент, маченик и папа Римски, што ги беа нашле во градот Херсон. Пренесувањето на светите Климентови мошти Господ го прославил со многу чуда. Така, еден душевно болен човек добил исцеление, а и многу други болни луѓе од различни болести добиле здравствено подобрување и излекување.
Папата, откако ги примил словенските книги, ги осветнл и ги ставил во црквата Света Марија наречена Фатне (јасли) и почнал по нив да ја врши богослужбата. Потоа папата им наредил на двајца епископи Формоза и Гондрик да ги посветат словенските ученици што беа дошле заедно со Константин и Мстодиј. При посветувањето ја пееле литургијата на словенски јазик во црквата на Светиот апостол Петар. Другиот ден пееле во црквата Свети Петронила и третиот ден во црквата Св. Апостол Андреа, а потоа пак во црквата на големиот вселенски учител апостолот Павле пееле целоноќно бдение, славејќи го Бога на словенски, а изутрината ја отслужиле светата литургија над неговиот свет гроб, во што учествувал епископот Арсение, еден од седумтемина епископи, и Анастасиј Библиотекар.
Константин и Методиј со своите ученици непрестано во своите молитви му се заблагодарувале на Бога за се што направил, а пак, Римјаните постојано оделе кај нив, особено кај Константин и се распрашувале за се и добивале двојни и тројни објаснувања и со радост се враќале назад во своите домови. Еднаш дошол кај Константин некој Евреин и му рекол: "Според сметањето па времето уште не дошол Христос за кого книгите и пророците кажуваат дека ќе се родел од девица". Но Константин тогаш му наброил колку колена биле од Адама до Христа и му докажал дска Христос веќе е дојден и му пресметал колку години од тогаш поминале, па откако сето тоа добро му го објаснил го пуштил да си отиде задоволен.

 

Смртта на Константин

Наскоро после тоа, болникавиот Константин, исцрпен од разните подвизи и патувања, тешко се разболел. За време на тешкото боледување, преку привидение од Господ, му бил откриен моментот на неговата смрт. Откако тоа го дознал блажениот Константин почнал веќе да пее: "Заради оние што ми рекоа, да влеземе во домот Господов, - се развесели духот мој и срцето мое се зарадува". Потоа се облекол во свечена риза и така го поминал целиот ден радостен зборувајќи: "Отсега веќе не сум му слуга на никој на земјава, туку само на Седржителот Бог на којшто му бев, сум и ќе бидам вечно, Амин". Утредента се облекол во света монашка схима, и во таа пригода го добил името Кирил. Болеста негова се продолжила шеесет дена. Во текот на боледувањето еднаш му се обратил на својот брат Методиј со следните зборови: "Ете брате, јас и ти бевме како сложен ѕевгар волови коишто ораат една нива и еве јас паѓам на браздата завршувајќи го својот ден. Јас знам дека ти силно ги засака горите на Олимп, но немој поради горите да ја оставиш својата проповед и учењето. Со овој подвиг ти можеш подобро да постигнеш спасување".
И кога се наближи часот да се упокои и да се пресели во вечните живеалишта, ги кренал рацете свои кон Бога и му се помолил низ солзи зборувајќи вака: "Господе Боже мој, Ти што си ги создал сите ангелски редови и бестелесни сили, а небото си го разопнал и земјата си ја основал и овие нешта си ги довел од небитието во битие; Ти кој секогаш ги послушуваш тие што ја исполнуваат твојата волја и што се плашат од Тебе и ги чуваат Твоите заповеди! Послушај ја мојата молитва и дочувај го Твоето верно стадо за кое си ме поставил мене, невреден и недостоен слуга Твој. Избави ги сите од секаква безбожна и паганска злоба, од каков и да е многузборен и хулен еретски јазик, кој кажува хула против Тебе! Погубија тријазичната ерес и подигни ја црквата своја множејќи и собери ги сите во еден дух и направи од нив примерни луѓе кои мислат единствено за вистинската вера Твоја и за вистинското исповедување. Вдахни во срцата нивни збор од Твојата наука, зошто тоа е Твојот дар. Ако си не примил нас, недостојни, за проповедање на Евангелието на Твојот Христос, тогаш тие што ревносно прават добри дела и што прават она што ти е Тебе угодно, а што си ми го дал мене, Тебе, како Твој, Ти ги предавам: управувај со нив со својата моќна десница и покри ги со покривот на Твоите крилја, за да го фалат сите и да го слават Твоето име, на Таткото и Синот и Светиот дух. Амин".
Потоа ги исцелувал сите и им рекол: "Благословен е Бог што не не даде како лов на забите на невидливите непријатели наши, да не растргнат, туку ја раскипа нивната мрежа и не избави да не изгниеме". Со тие зборови Св. Кирил заспа во Господа, имајќи четириесет и две години, на 14 февруари 869 година.
Папата Андријан тогаш наредил на сите Грци што се наоѓале во Рим, а исто така и на Римјаните да се соберат со свеќи и да пеат над него и да му направат погреб како што би му направиле на папа. Брат му Св. Методиј дознавајќи за намерата да го погребат чесното тело на Св. Кирил во Рим отишол кај папата и му рекол: "Нашата мајка не има заколнато кој прв од нас ќе умре, другиот да го пренесе својот брат во неговиот манастир на Олимп и тамо да го погребе". После оваа изјава на Св. Методиј, папата наредил да го положат светото Кирилово тело во ковчег и да го заковаат со железни клинци и така да го подготват за пат. Така светите мошти подготвени за пат останале седум дена. За тоа време римските епископи вака му зборувале на папата: "Бидејќи него, којшто минал толку земји, Бог го довел овде и овде ја примил неговата душа, овде и треба да биде погребан како чесен маж". Ако е тоа така рекол папата: "Заради неговата светост и љубов, наспроти римските обичаи, ќе го погребам во мојата гробница во црквата на Светиот апостол Петар". На таа одлука брат му Св. Методиј рекол: "Бидејќи не ме послушавте и не го дадовте, тогаш, ако ви е драго, нека лежи во црквата на Св. Климент, со којшто тој дојде заедно овде".
Папата наредил да се постапи по предлогот на Св. Методиј. Потоа повторно се собрале сите епископи, црнорисци и многу народ и со големи почести ги испратиле светите мошти до црквата Св. Климент. Пред да го спуштат ковчегот во гробницата, епископите предложиле: "Да го отвориме ковчегот и да видиме дали е уште цел или нешто почнало да му се одзема". Но, иако на сите начини се обидувале да го отворат ковчегот, по божјата промисла не можеле да го отворат. И така, заедно со ковчегот го положиле во гробницата од десната страна на олтарот во црквата Св. Климент каде што тогаш почнале да се случуваат многу чуда. Гледајќи го тоа Римјаните, почнале се повеќе и повеќе да го прославуваат Св. Кирил и откако направиле икона негова на неговиот гроб, почнале пред неа да палат свеќи дење и ноќе, фалејќи го Бог што така ги прославил оние што го слават него.