Потекло

За потеклото на Кирил и Методиј

Браќата Константин-Кирил и Методиј биле родени во градот Солун. Во епохата кога тие живеееле и твореле тој бил во голема мерка словенизиран под влијанието на неговата словенска околина. Тоа го истакнал и византискиот император Михаил III(842-867), кога пред да ги испрати Константин и Методиј на мисионерска работа во Велика Моравија во 863 година изјавил:"Вие сте солунјани, а сите солунјани чисто словенски зборуваат", пренесува житиеписецот на Методиевото панонско житие. Од таквата солунска словенска средина потекнувало семејството на Константин и Методиј. Тие и по таткова и мајчина страна биле богати благороднички семејства. Татко им Лав, кого што Поп Дукљанин во својот Летопис го нарекол патрициј Леон(Leonis patricii). Веројатно пред тоа тој бил сотник, се дознава од Проложното житие на Кирила. Како потстратег на Солунската тема, Лав стоел на чело на поморските сили стационирани во Солунската област. Сопругата на Лав, Марија, исто така потекнувала од влијателно семејство, познато на "царот и на целата Солунска област".

    Семејството на Лав и Марија се состоело од "седум деца" од кои најмал бил Константин. Од Пофалното слово на Кирил се дознава дека тој имал повеќе "браќа и сестри". Расположивите изворни податоци не овозможуваат да се утврди дали неговиот постар брат Методиј бил најстар од децата. Исто така не е можно да се одреди со сигурност и разликата во години меѓу Кирил и Методиј. Од Пространото Кирилово житие се дознава дека Константин бил на 42 годишна возраст кога го завршил животот во Рим во 869 година и кога непосредно пред смртта се здобил со монашкото име Кирил. Врз база на тоа во 827 година се зема за година на раѓање на Константин. За постариот брат брат Методиј само се знае од неговото Панонско житие дека умрел во 885 година. Најверојатно тој бил роден во 825 година, бидејќи според вестите од Проложното житие, кога во 854 година бил назначен за управител на "словенското кнежевсто" во Македонија имал само 20 години.

    По прашањето околу народностната припадност на Кирил и Методиј во науката се доминантни три гледишта: дека нивните родители биле Словени, Грци, како и дека татко им бил Грк, а мајка им Словенка.

    Најприфатливо е првото гледиште, бидејќи браќата Кирил и Методиј со создавањето на словенската азбука, пишувањето и преведувањето на бројни книги на словенски јазик и воведувањето на словенската богослужба во црквите се потврдиле како словенски дејци, зашто Грците гледале на словеските јазици како на "варварски јазици". Иако дејствувале како византиски мисионери тие целосно го посветиле својот живот во служба на словенскиот свет. Од друга страна пак, високата државна функција што ја извршувал татко им Лав не треба да значи дека тој по потекло бил Грк, зашто во многународностната византиска држава голем број поданици од негрчко потекло дошле до високи државни функции. Меѓу таквите биле и голем број лица од словенско потекло. На пример, од словенско потекло бил цариградскиот патријарх Никита(766-780), потоа Дамјан, кој во времето на императорите Теофил(829-842) и МихаилIII се носел со титулата патрициј и ја извршувал високата дворска служба паракимомен(началник  на дворските служби), Андреј, кој во времето на Василиј I(867-886) бил потстратег на темата Опсикион во Мала Азија итн. Во прилог на словенското потекло на Кирил и Методиј убедливо говори и фактот, дека тие за време дејствувањето меѓу Словените во Македонија прибирале и изучиле голем број словенски ученици, какви што биле Климент, Наум и др. Од службата на св.Методиј исто така се дознава дека Методиј по завладувањето на "словенското кнежевство" во Македонија од Бугарите во крајот на 855 година, бил принуден да "остави род и татковина, жена и деца" и да замине да живее меѓу "светите отци" во малоазиската планина Олимп. Тоа, пак, говори дека Методиј не ја сметал Византија за своја татковина, а Грците за свој род, зашто и Мала Азија била дел од византиската држава. Податокот во Меморандумот на Салцуршката архиепископија до папата Јован VIII со кој Методиј е означен како "некојси Грк" не би требало да значи дека со тоа се сакало да се нагласи неговото Грчко потекло, туку напротив, припадноста(поданството) на многународностната византиска држава, поконкретно на Источната православна црква. Исто така, нема сигурна подлога и гледиштето дека мајка им Марија била Гркинка, зашто единствен изворен податок за тоа е веста што му ја соопштил еден од светогорските монаси на рускиот поколник Арсениј Суханов во XVIII век.