Дејност и мисии - Моравска

Моравска мисија

Царот Михаил и патријархот Јоан го повикале од Олимп блажениот Константин, му раскажале што барале Хазарите и му рекле: "Оди, филозофе, кај тие луѓе, и со помош на Светата Троица, благослови им го учењето за Пресветата Троица оти никој подобро и подостојно од тебе не ќе може да ја заврши таа работа". А тој рекол: "Ако наредиш, господаре, за таква проповед со радост ќе појдам пеш бос, без ништо, како Бог што им наредил на своите ученици да не носат ништо". Но царот му одговорил: "Ако сакаш ти да го сториш тоа само како твој личен потфат, тогаш добро ми кажуваш, но бидејќи ние те упатуваме, тогаш појди таму со царска чест и поддршка". Блажениот Константин го замолил и својот постар брат  Методиј да го придружува; и двајцата, после долго и мачно патување, стигнале во градот Херсон. Таму браќата живееле доста долго. Го научиле јазикот на Хазарите, а ги проучиле добро и еврејските книги, за да можат да спорат со Евреите и Самарјаните коишто таму ги имало многу. Живеејќи во Херсон, браќата Константин и Методиј ги нашле моштите на Св. Климент, епископ римски. Тој бил ракоположен за епископ од апостол Петар, а потоа бил заточен од императорот Трајан во Херсонес Паврически. Бидејќи не престанал да ја проповеда Христовата вера, бил осуден на смрт; го фрлиле во морето со врзана котва околу вратот. Кај народот од тој крај бил зачуван споменот за местото каде што бил удавен маченикот. Се раскажувало дека во текот на неколку векови по неговата маченичка смрт, на денот на неговата памет морето се повлекувало од брегот и верниците можеле да дојдат до моштите на маченикот. По молба на Константин и Методиј, Херсонскиот епископ, придружен од духовенството, со молитва и псалмопеење отишле на брегот од морето, на она место каде што според преданието се наоѓало телото на маченикот. Наеднаш во темнината светлина огреала од морето и моштите на Св. Климент од сите присутни биле видени. Со голема свеченост ги извадиле од водата. Дел од нив биле пренесени во Херсон, а другиот дел Константин и Методиј ги зеле со себе и ги однесле кај папата во Рим.
Откако добро го научиле јазикот и обичаите на Хазарите, браќата Константин и Методиј се упатале кон нивната земја што се наоѓала кај Азовското Море. Кога пристигнале кај Хазарите, каганот чесно ги примил, а тие му го врачиле писмото од својот император Михаил. Тука блажениот Константин водел долги верски полемики со еврејските, сараценските и хазарските мудреци. Во тие полемики блажениот Методиј помалку учествувал, бидејќи помалку бил учен од својот брат Константин. Тој повеќе знаел како да постапува со народот отколку да води учени разговори и со топла молитва измолувал успех од Бога за доброто дело. Кнезот т.е., каганот на Хазарите после долгите полемики поверувал самиот и дозволил на секој од своите поданици да го прими христијанството по своја волја. На крајот од долгите полемики, Константин со солзи на очите им рекол на сите: "Браќа и татковци, пријатели и деца! Еве Бог даде разбирање за сите и достоен одговор. Ако има уште некој што се противи, нека дојде и нека оспори, инаку ќе биде победен во спорот. Кој ќе се согласи со ова нека се крсти во името на Света Троица. А кој на сака тој грев не е врз мене, а тој ќе увиди на судниот ден кога ќе седне судијата, древен по своите дни и ќе им суди на сите народи како Бог". На тоа народот одговорил: "Ние не сме си себеси непријатели и од денешен ден по малку нека се крсти кој може и кој сака доброволно. А кој од нас му се клања на запад, или се моли по еврејски, или ја држи сараценската вера, набргу ќе прими од нас смрт". После ова народот се растурил со радост, а од нив околу 200 луѓе се покрстиле, отфрлајќи ги гнасните пагански обичаи и незаконски женачки.
Испраќајќи ги светите браќа Константин и Методиј, каганот напишал писмо до императорот Михаил со следните зборови:"Господаре, Ти си ни испратил таков човек што ни ја објасни светлината на христијанската вера и со збор и со дело, и се уверивме дека таа е вистинска вера и им наредивме на луѓето доброволно да се крстат надевајќи се дека и ние ќе го достигнеме тоа. Сите ние сме му пријатели на твоето царство и готови сме да ти служиме каде ќе ти биде потребно". Кога ги испраќал светите браќа, каганот сакал богато да ги награди но тие одбиле се, само го замолиле да ги ослободи грчките пленици што се наоѓале таму, на број околу 20. Каганот тоа со задоволство го сторил и со сите почести биле испратени.
Кога пристигнале по Цариград, со големи почести и радост биле дочекани од царот и патријархот и од целиот собор како Христови апостоли. Веднаш им понудиле да ги посветат за епископи, но тие тоа категорично го одбиле. Методиј изразил желба да стане игумен на Полихронискиот манастир и тоа станал, а Константин се повлекол во мир и тишина во црквата Св. Апостоли. Наскоро двајцата браќа пак биле повикани на нови подвизи во полза на христијанската вера.
Моравскиот кнез Ростислав одржал совет со своите кнезови Светополк, моравски кнез, Коцел, кнез блатенски (во Панонија) и со својот иарод решиле да испратат пратеници до византискиот император Михаил со следната порака: "Нашите луѓе се откажаа од паганството и се придружуваат на христијанскиот закон. Но ние немаме таков учител што ќе им ја објасни вистинската христијанска вера на наш јазик, за да не следат и другите земји гледајќи го тоа. Затоа испрати ни, господаре, таков епископ и учител. Оти откај вас секогаш тргнуваат на сите страни добри закони".
Царот Михаил се посоветувал со патријархот и со целиот свештенички собор, па го повикал на соборот блажениот Константин. Тогаш тој му ја соопштил желбата на Словените и му рскол: "Знам дека си слабуњав и уморен, филозофе, но неопходно е ти да појдеш таму, бидејќи никој не може подобро од тебе да ја заврши таа работа". Филозофот одговорил: "Иако ми е снагата преморена и макар што сум болен, сепак ќе одам таму со радост, само ако имаат букви за својот јазик". На тоа царот му рекол: "Дедо ми и татко ми и мнозина други го барале тоа и не го нашле, како тогаш јас можам да го најдам?" А филозофот запрашал: "Во тој случај, како ќе им проповедам? Тоа е исто како да запишуваш беседа на вода. Освен тоа, ако Словените лошо ме разберат можат уште да ме прогласат за еретик". На тоа, царот заедно со својот вујко Варда му го рекол следното на филозофот: "Ако посакаш, Бог ќе ти го даде тоа што го сакаш, зашто тој им дава на сите што го молат без сомневање и им отвора на сите што искрено тропаат на неговата врата". Откако излегол од кај царот, блажениот Константин му раскажал се на својот постар брат Методиј и на некои свои ученици и по својот стар начин се оддал на молитва, па потоа на четириесетдневен пост. За кратко време, Бог, којшто секогаш ги сослушува молитвите на слугите свои го исполнил она за што му се помолил Константин. Помогнат од благодетите на Светиот дух, Константин ја измислил словенската азбука којашто има 38 букви. Потоа пристапил кон преведувањето на свештените книги од грчки па словенски јазик. Во тоа му помогнал и неговиот брат Методиј, којшто најверојатно како и Константин, го знаел словенскиот јазик бидејќи престојувал во Струмичкиот крај меѓу Словените, каде што се мисли дека го напишал и Законот за судење на луѓето (Закон судни људем). Така блажените браќа Константин и Методиј со нивните ученици, прво го превеле Светото Евангелие од Св. Јоана Богослов, коешто започнува со следните зборови: "Во почетокот беше зборот и Зборот беше во Бога и Бог беше Збор". Тоа се првите зборови преведени на словенски јазик.
Својот превод светите браќа го поднеле на разгледување кај царот, патријархот и пред целиот духовен собор. Сите на тоа се израдувале и го прославиле Бог за укажаната милост. Тоа се случило во 862-година.

После тоа Константин заедно со својот брат Методиј и неколку ученици тргнале за Моравија. Царот им дал се што им е потребно за по пат, а на кнезот Ростислав му го напишал следното писмо: "Бог којшто сака секој да ја сознае вистината и да се издигне на поголемо достоинство, гледајќи ја твојата вера и подвиг, направи сега во наше време, откривајќи букви за вашиот јазик, нешто што немало порано, но само во првите години, да се придружите и вие кон големите народи што го слават Бога на својот јазик. И ете, Ти го испраќаме тој на кого му се јавил Бог, маж чесен и благоверен, мошне учен и филозоф. И еве, имајќи го овој дар, поголем и подостоен од сето злато и сребро и скапоцени камења и проодно богатство, појди брзо со него да го зацврстиш тоа дело и со сето срце да го побараш Бога. Не го отфрлај општото спасение, туку раздвижи ги сите да не ги фати мрзата, туку да тргнат по прав пат, па и ти кој си го довел со својот подвиг до сознанието на Бога, да ја примиш својата плата за тоа во оној век и во идните за сите тие души што ќе веруваат во Христа, нашиот Бог, отсега па до века и да оставиш спомен за себе на идните поколенија како Константин великиот цар". Кога Константин и Методиј пристигнале во Моравија, биле величествено дочекани од Ростислав. Тој веднаш собрал голем број ученици и им наложил да ја научат кај светите браќа словенската азбука и новопреведените црковни книги на словенски јазик. Потоа, под раководство на светите браќа, Ростислав почнал да гради цркви. За една година веќе била изградена првата црква во градот Оломуцу, а потоа се изградени и други цркви во Моравија. Константин ги осветувал тие цркви и во нив служел на словенски јазик. За време на својот престој во Моравија Константин со своите ученици ја превел на словенски јазик целата црковна богослужба и ги научил учениците да служат утрешна, пладневна, вечерна и повечерна литургија. Откако меѓу Словените во Моравија масовно почнало да се шири на словенски јазик божественото учење и да се врши на словенски јазик богослужбата, многу архиереи со свештеници и ученици од римскиот јазик почнале да негодуваат велејќи: "Со тоа не се прославува Бог. Да било тоа угодно на Бога тој можел да направи уште од самиот почеток зборовите на Божјите проповеди да се запишуваат со буквите и јазикот на оној народ на којшто се објавувани. Но Бог избрал само три јазика: еврејскиот, грчкиот и латинскиот на којшто треба да се слави Бог".
На таквите луѓе блажениот Константин им одговорил, дека Господ слегол на земјата за да ги спаси сите луѓе, зошто сите треба да го слават и да му благодарат и дека треба да се стремат да ја разберат неговата желба.Тој рекол, ако бог, по својата милост на сите им дарувал воздух и дожд, на сонцето му заповедал да свети подеднакво на сите, тој не сакал да лиши никого од возвишеното благо, а тоа е знаењето и разбирањето на новиот закон. Затоа, секој народ треба да го слави Господ на својот јазик. Така светите браќа поминале четириесет месеци во Моравија, патувајќи од место до место, проповедајќи и учејќи на словенски јазик.