Дејност и мисии - Епископ

Назначувањето на Методиј за епископ


По смртта на Св. Кирил дошле кај папата пратеници од кај Панонскиот кнез Коцељ, со молба да им го пушти блажениот Методиј. Папата им одговорил на пратениците со следните зборови: "Не само на вас, туку и на сите словенски народи, Ви го испраќам, како учител од Бога и од Св. Петар, прв намесник и клучар на небесното царство".
Испраќајќи го Св. Методиј кај Словените, папата му го врачил следното послание до словенските кнезови: "Адријан, епископ и слуга Божји до Ростислав, Светопулк и Коцељ! Слава му на Господа вишен и на земјата мир и меѓу луѓето добра волја! За вас сме чуле духовни работи, а сега копнееме со желба и молитва заради вашето спасение, дека Господ ги поттикнал вашите срца да го бараат и ви покажал дека не само со вера но и со добри дела треба да му се служи на Бога. Оти верата без дела е мртва, и отпаѓаат тие што мислат дека го познаваат Бога, а со делата се оттргнуваат од него. И не сте побарале учител само од овој светителски стол, но и од благоверниот цар Михаил. Па ви го испратил блажениот филозоф Константин со брата му додека не стасавме ние. А тие, кога разбрале дека власта на апостолскиот стол досега до вашата земја со ништо не го прекршила канонот, но дојдоа кај нас и ги донесоа моштите на Св. Климент.
А ние, откако ја примивме тројната радост, намисливме да го испитаме и да го испратиме Методија, посветувајќи го него со учениците, како син наш, во вашите краишта: маж со совршен разум и праведен, да ве учи како што молевте, објаснувајќи ви ги книгите на ваш јазик, исполнувајќи го сиот црковен чин и со света миса, што значи служба, и со крштение, како што започна Константин Филозоф со Божја благодет по молитвите на Св. Климент. Исто така, ако може некој друг достојно и праведно да проповеда, нека биде свето и благословено од Бога и од нас и од сета католичка и апостолска црква, за да навикнете полесно на заповедите Божји. Само овој еден обичај чувајте го, на миса најнапред да се читаат апостолот и евангелието на римски, па после на словенски, за да се исполни кажаното во писанието: „Сите народи ќе започнат да го слават Господ, а на друго место: сите ќе зборуваат на различни јазици за величието Господово, како што ќе им даде Светиот дух да одговорат. Ако некој од собраните кај вас учители, што ги чешаат ушите и одвраќаат од вистината кон блуд, се осмелил и започнува поинаку да ве соблазнува, напаѓајќи ги книгите на вашиот јазик, нека биде не само одбиен од причесната, туку и од црквата, додека да се поправи. Оти тие се волци, а не овци, па треба да ги познавате по плодот нивни и да се чувате од нив.
А вие, чеда возљубени, послушајте ја Божјата наука и не отфрлајте ја црковната поука, за да станете вистински поклоници Божји. на нашиот небесен татко со сите светители, амин".
Кнезот Коцел го примил Методиј со голема чест, но набрзо пак го испратил кај папата во Рим и со него дванаесетмина угледни мажи, благородници, молејќи го папата да го постави Св. Методиј за епископ на Панонија, на престолот на Св. Андроник, едеи од седумдесеттемина апостоли коишто некогаш епископувале во Панонија. Папата така и направил. Го поставил Св. Методиј за епископ Панонски.
После тоа, исконскиот непријател и противник на вистината, го поттикна моравскиот кнез (во тоа време Ростислав, којшто го помагал Св. Кирил и Методиј, умрел и на негово место дошол Светополк којшто вопрво време на своето владеење бил во големн пријателски врски со германскиот император) и германските и латинските кнезови од тој крај против епископ Методиј. Св. Методиј бил повикан на совет, на којшто му било поставено вакво прашање: "Зошто ти проповедаш во нашата област?" А тој одговорил: "Кога би знаел дека оваа област е ваша, јас тогаш не би проповедал овде и одоколу ќе заминев; ама оваа област припаѓа на светиот апостол Петар. Ако вие од грабливост и лакомство постапувате противно на каноните и ја забранувате Божјата наука, пазете се да не би сакајќи железен рид да пробиете со коскено теме, да си го истурите мозокот". Епископите разјарени му одговориле вака: "Зло ќе те снајде!" А Св. Методиј одговорил: "Јас не се срамам вистината да ја кажунам и пред цареви, а вие правете со мене што ви е волја. Оти јас не сум подобар од тие што зборувајќи ја правдата го изгубиле овој живот во многу маки".Многу зборови биле изречени на тој собир, но противниците на Св. Методиј не можеле ништо да кажат против него. Тогаш кнезот рекол со потсмев: "Не го измачувајте мојот Методија оти веќе е испотен како покрај оган". А Методиј им рекол: "Да, господаре, некогаш некои луѓе сретнале испотен филозоф и го запрашале, од што си се испотил? А тој им одговорил: со простаци се расправав и пречкав". Бидејќи имало голем судир меѓу епископите и Св. Методиј, на крај го испратиле на заточение во Швапско (Германија) каде што две и пол години го држеле во темница.
Дознавајќи за тоа папата Јован Осми, наследник на Андријан Втори, изрекол проколнение на германските епископи и им забранил да служат литургија се додека не го пуштат Методија на слобода. Тогаш епископите го пуштиле Методиј на слобода, на панонскиот кнез Коцељ му го соопштиле следното: "Ако Методиј го земеш кај себе, со нас нема да поминеш добро". Сепак овие епископи не го избегнаа Божјиот суд на апостолот Петар, четворица од нив набрзо умреле.
Во тоа време во Моравија избил спор меѓу Словените и германските свештеници. Моравјаните сфатиле дека германските свештеници, коишто живееле кај нив се непријатели на Словените и се спремаат да ги предадат на Германците. Затоа ги протерале од нивната земја, а на папата му ја упатиле следната молба: "И порано нашите татковци примиле крштение од Св. Петар, затоа дај ни го Методија за архиепископ и учител". Папата веднаш го упатил Св. Методиј во Моравија, каде што кнезот Светополк и Моравјаните, коишто веќе се беа разделиле со Германците, го примиле Методиј и му ги повериле сите цркви и свештеници во сите словенски градови. На местото од протераните германски свештеници Св. Методиј назначил словенскисвештеници. Бидејќи Св. Методиј и словенските свештеници ја вршеле богослужбата на словенски јазик, христијанската вера почнала силно да се шири. Многу безбожници се откажувале од своите заблуди и пристапиле во верата на вистинскиот Бог.
Св. Методиј имал и пророшка благодет, така што се исполнуваа многу негови пророштва од кои ќе споменеме само неколку. Еден пагански кнез, мошне силен, којшто живеел покрај Висла, ги исмевал христијаните и им правел многу непријатности. Св. Методиј му испратил ваква порака: "Подобро ти е синко, да се крстиш доброволно во својата земја, отколку да се крстиш во туѓа земја принуден како заробеник". Така и станало. Некогаш пак Светополк војувал со безбожници и војната се отегнала. Пред Петровден Св. Методиј му испратил на Светополк ваква порака: "Ако ми ветиш дека со војската ќе дојдеш кај мене за Петровден, јас верувам дека Бог наскоро ќе ти ги предаде во твоите раце незнабожците". Така и станало. Некој богат човек се оженил со својата снаа. Св. Методиј долго го советувал и разни поуки му давал но не можел да го убеди да се разведе. А пак другите, поради богатството, го советувале обратно. Тогаш Св. Методиј му рекол на богаташот: "Ќе дојде час кога нема да можат да ти помогнат твоите ласкатели, а за моите зборови ќе се сетиш, но ќе биде касно". И навистина, по божјата промисла, богатиот изненадно го фатила таква болест заедно со неговата жена, што нигде не можел да најде ниту мир ниту спас и во таква положба тие и умреле.
Стариот завидливец и непријател на човечкиот род пак дигна против Методиј јавни и тајни непријатели, како некогаш Датон и Авирон против Мојсеја. Во тоа време се појавиле еретици кои учеле дека Светиот Дух исходи и од Синот. Овие еретици ги заведуваа праведните од правиот пат, а за Св. Методиј којшто го разобликувал нивното безбожно учење зборувале: "Нам папата ни даде власт и ни нареди да го протераме Методиј и неговото учење". Кога го собраа сиот моравски народ, наредија да се прочита пред нив посланието за да чујат за неговото изгонување. На народот му било многу жал да сеоткаже од таквиот пастир и учител. А во посланието од папата стоело ова: "Братот наш Методиј е свет и праведен човек и врши апостолско дело и во негови раце од Бога се и од апостолскиот стол сите словенски земји, па кој ќе го проколне, проклет да биде, а кој ќе го благослови, блогословен ќе биде".
После тоа сите непријатели на Св. Методија се разотишле засрамени и се изгубиле како магла. Но нивната злоба со тоа не се завршила. Со намера да му додеваат на Св. Методиј пуштиле глас велејќи: "Царот се лути на него, па ако го најде, нема живот за него". Но милосливиот Господ, не сакајќи неговиот слуга да биде навреден, поттикна кај царското срце желба да го види Св. Методија па со таа цел му испрати писмо со следната содржина: "Чесни оче, многу сакам да те видам, па стори добро и потруди се да дојдеш до нас, да те видиме додека си на овој свет и да ја примиме твојата молитва".
Св. Методиј веднаш отпатувал за Цариград, каде што бил примен од царот и патријархот со голема радост и чест. Царот му оддал големо признание и благодарност за неговото учење и задржал кај него два негови ученика со словенски книги и со богати дарови го испратил назад во Моравија. Враќајќи се назад многу незгоди претрпел Св. Методиј од нечестивиот, во пустињите меѓу разбојници а по морето во бурни бранови, во реките од подводни ненадејни карпи, така што се исполниле зборовите апостолски за него: несреќи од разбојници, несреќи по море, несреќи по реките, несреќи од лажните браќа, во маки и тегоби, во чести бдеења, често во глад и во жед и други тешкотии што ги споменуваат апостолите. Патем, отфрлајќи ја сета животна суета и своите грижи предавајќи му ги на бога, Св. Методиј одбрал два слоја ученици - свештеници брзописци и отпочнал да ги преведува на словенски јазик оние богослужбени книги што не беше успеал да ги преведе со неговиот брат Блажениот Константин. Така, со двајцата ученика го превел целиот Стари Завет, освен Книгата на Макавеите. Исто така го превел Номоканонот и Патерикот. Преведувањето го започнал во месец март а го завршил на 26 октомври. Кога го завршил преведувањето му принел достојна благодарност и слава на Бога и на Св. Димитрија Солунски на чијшто празник го завршил преведувањето и спрема кого како солунчанец негувал посебна љубов.
Кога Св. Методиј дошол во Дунавската земја кај унгарскиот крал, тој изразил желба да го види. Многумина го одвраќале Св. Методиј да не оди кај кралот, поради опасноста што му претстои од него, но сепак тој отишол. Унгарскиот крал, како што прилега на владетел, го примил со радост, чесно и славно - и откако разговарал со него, како што прилега на такви мажи да водат разговор, царот го испратил со големи дарови. На разделбата кралот му рекол на Св. Методиј: "Спомни си за мене, чесни оче, секогаш во твоите свети молитви".
Така, кога сите обвинувања ги пресече од сите страни и кога им ги затвори устите на непријателите, текот на животот му се сврти, верата ја дочува, чекајќи го праведниот венец. Кога се приближило времето Св. Методиј да се одмори од страдањето и да добие награда зa големиот свој труд, го запрашале: "Чесни оче и учителе, кого го сметаш, меѓу твоите ученици да ти стане наследник на твојата наука"? Покажувајќи на својот ученик Горазд, Св. Методиј рекол: "Овој е слободен маж од Вашата земја, проверен и добар познавач на латинските книги. Ако на тоа биде Божјата волја и Вашата љубов, јас сакам тој да биде мој наследник".
На Цветници, кога сиот народ се собрал, Св. Методиј дошол в црква но не можел да служи поради изнемоштеност, тој само се помолил на Бога за својот цар, за словенските кнезови, за свештенството и за целиот народ и рекол: "Пазете, деца, на мене, до третиот ден". И така станало. На разденувањето на третиот ден Св. Методиј ги изговорил овие зборови: "Во твои раце, Господи,ја полагам мојата душа". Починал на рацете на свештениците на 6 април 885 година.
Неговите ученици го положиле на одар и му направиле почести достојни за него служејќи служба на латински, грчки и словенски јазик. Го погребале во соборната црква во Велеград. На погребот присуствувал огромен број народ. Сите со солзи и почит го испраќале својот добар учител и пастир, тој што им беше се на сите, за да ги придобие сите.Така Св. Методиј поминал кај Господ на којшто со својот брат Св. Кирил, апостолски ревносно му служеле, примајќи од него вечен живот оти негова е славата и честа во сите бесконечни векови, амин.