Дејност и мисии - Брегалничка

Брегалничката мисија на Константин Филозоф.          Создавање на словенската азбука и книжина

    И покрај сестраните ангажирања на Методиј да ги зацврсти византиските позиции во рамките на управуваното кнежество, во тоа не успеал за што главна причина биле зачестените бугарски завладувачки походи. Тоа, пак, ја натерало византиската централна власт да го испрати на мисионерска работа во Стримонската склавинија Константин Филозоф, со цел да му помогне на својот брат Методиј. Неговата мисионерска дејност главно се одвивала меѓу Словените кои живееле во Брегалничката област и тоа во првата половина на 50-те години на IX век. Во прилог на тоа првенствено говорат вестите од Краткото Кирилово житие и Солунската легенда, како и новооткриените археолошки наоди во локалитетите по текот на реката Брегалница.

    Од краткото Кирилово житие, наречено успение Кирилово, за чиј автор се смета Климент Охридски, се дознава по извојуваната верска победа на поранешниот иконоборски патријарх Јован  VIII Граматик(во житието наречено Анис), уште пред да замине во мисија кај Сарацините(Арапите) во Багдад, во крајот на 855 година, Византија го испратила Константин Филозоф да дејствува како мисионер меѓу Словените кои живееле по текот на реката Брегалница.

    "Потоа отиде на Брегалница и најде од словенско племе неколку крстени. И колку што најде некрстени ги покрсти и ги приведе во православна вера. Им напиша и книги на словенски јазик. Тие што ги преврати во христијанска вера, беа 54.000".

    Овие значајни изворни податоци се во склад и со оние од Солунската легенда, кои говорат дека Константин Филозоф како мисионер дејствувал во градот Равен на реката Брегалница и дека тогаш за потребите на Словените создал 35 букви.

    Во прилог на првата, Брегалничјата мисија на Константин Филозоф и создавањето на словенската азбука и книжина, говорат и податоците од делото на Црноризаец Храбар "За буквите", како и од пространото Климентово житие, напишано од Теофилакт Охридски. Црноризец Храбар известува дека Константин Филозоф ја создал азбуката и превел книги заедно со брата си Методиј во 6363 година од создавањето на светот(=855 г.). Методиј кој тогаш стоел на чело со "словенското кнежество" најверојатно го поттикнал Константина да се зафати со создавањето на словенската азбука-глаголицата која според Црноризец Храбар се состоела од 38 букви, од кои "едни биле составени по образец на грчките букви, а други според словенската реч", Од 38-те букви 24 одговарале на словенските и грчките звукови, додека 14 само на словенските. Дека Константин Филозоф со помошта на Методиј ја "изнашле словенската азбука" и превеле богослужбени книги од грчки на словенски јазик и се погрижиле да им ги пренесат своите знаења на "поспособните свои ученици" соопштува и Теофилакт Охридски во Климентовото житие. Исто така и повеќе археолошки наоди од локалитетите под Црквата Св.Никола и кружната црква на Клетовник кај с.Крупиште во Брегалничката област, се испишани голем број глаголски букви од тукушто создадената словенста азбука, што од своја страна ги потврдува пишаните извори.