Св. Никола

Црквата Св. Никола се наоѓа во населбата Варош, во близина на црквата Св. Богородица Пречиста. Во фреско-натписот што се наоѓа над прозорецот на јужниот ѕид од внатрешната страна стои дека црквата била подигната 1299 год. По најновото толкување, во натписот се споменува дека црквата е подигната од ктиторот Вега, синот Капза и жена му Марија, во времето на царот Андроник II, Михајло IX и царицата Ирина во 1298 год, месец ноември. Други историски податоци не се зачувани.
Според мислењето на некои научни работници, на едно старо култно место најверојатно најнапред била подигната мала еднокорабна црква. Кон крајот на XII век и првата половина на XIII век, црквата Св. Никола го добива денешниот изглед. Затоа се смета дека живописот во апсидата, што се истакнува со своите карактеристики што му одговараат на стилот од последниот период на сликарската епоха на Комнените, потекнува од крајот на XII и почетокот на XIII век. Композициите во апсидата “ Поклонување на Агнецот “ и “ Богородица Ширшаја Небесна “ имаат сличности со живописот на курбиновската црква Св. Ѓорги која е живописана во 1191 година. Живописот во наосот потекнува од 1298 год.

следна...