Златен Венец 2006

Нанси Морехон
(Куба)


 

Нанси Морехон е водечки кубански автор и врвен современ карипски поет на шпански јазик. Таа го продолжува заветот на Николас Гиљен, големиот авангарден кубански поет од почетокот на дваесеттиот век. Во својата поезија таа ги идентификува оригиналните африкански карактеристики на кубанското општество и неговата традиција, инкорпорирајќи ги низ поетски ритми и експериментални јазични техники и иновации. Исто така, таа го препознава и го оживувагласот на кубанската, карипската и латиноамериканската жена во својата поезија како моќен и сеприсутен глас што го следи низ неговото макотрпно повеќевековно создавање.

Нанси Морехон е родена во 1944 година во Хавана, Куба каде останува да живее и работи и покрај честите поетски читања, патувања и студиски престои на разни книжевни и академски институции во обете Америки и во Европа. Иако е ќерка на сиромашни родители (татко & бил пристанишен работник, а мајка & шивачка), Нанси Морехон многу рано ја искажала својата дарба за учење и пишување. Уште на 15 години се стекнала со учителска диплома по англиски јазик, а на 18 дипломирала цум лауде на Универзитетот во Хавана каде што студирала европска, карипска и кубанска литература, а потоа специјализирала француска литература. Предавала француски јазик и литература на престижната Кубанска академија, а била и уредник во Унијата на писатели и уметници на Куба. Работела и како новинар, пишувала театарска критика, драмски сценарија, а има објавено и голем број преводи од литературата на француски јазик (Пол Елијар, Жак Ромен, Еме Сезар и др.). Има напишано или приредено повеќе критички студии, меѓу кои две книги за поезијата на Николас Гиљен (на едната се појавува како автор, а на другата како приредувач). Во овие студии Нанси Морехон егзалтирано говори за црната жена и за афро-хиспанската култура во филозофијата и идеологијата на една независна нација.

Но најмногу од се, Нанси Морехон е извонреден поет. Својата прва поетска збирка, Мутизмос (Немост), ја објавила во 1962 година, кога имала само 18 години, по која следат уште неколку. Во стиховите содржани во нив, Морехон ни открива еден складен, зрел и константен поетски свет на слики преполни со карактеристични бои, мириси и урбани колажи на Куба и Карибите, како и еден специфичен, единствен поетски глас кој контемплативно го следи спојот помеѓу две големи култури (шпанската и африканската) во една – кубанска. Во своите подоцнежни поетски збирки, Нанси Морехон е активно вклучена и сосредоточена во проучувањето и следењето на историската и културолошката димензија на своето поетско “јас”, што всушност претставува супститут на плуралното карипско “ние”, кое истовремено е културолошки и епски симулакрум на силен постколонијален наплив на свежина, што најде свој изблик во поранешните колонии на робови, а сега независни нации во сложената етнографска и јазична карипска тантела.

Нанси Морехон има објавено 12 збирки поезија за кои ги има добиено најпрестижните кубански награди: Награда на критиката во 1986 и Националната награда за литература во 2001. Големиот фестивал на книгата кој се одржува преку целата година во сите градови на Куба, оваа година (2006) и е посветен на Нанси Морехон.

Нејзината поезија е преведена на англиски, француски, португалски, италијански, руски, германски, полски и холандски јазик и објавена во одделни збирки или во разни книжевни списанија и антологии. Три репрезентативни избори од нејзината поезија се објавени во САД, од кои првиот во 1985 година, а последниот во 2003, како и еден во Велика Британија во 2001 година, што е доказ зе големата популарност што Нанси Морехон ја има во тие простори. Покрај тоа за нејзиното дело се имаат искажано голем број критичари и есеисти од Куба, Латинска Америка, но и од САД и Европа. Нанси Морехон во моментов работи како раководител на Институтот за карипски студии во Хавана.

Критиката за Нанси Морехон:

Поезијата на Нанси Морехон е полноќно црно сонце во традицијата на старата шпанска балада. Познато е дека Хемингвеј ја открил Куба како место на мир каде што творел заедно со уметниците од морето на животот. Нанси Морехон му дава радост, убавина и отпорност на тој креативен свет.
Фернандо Алегрија

Поезијата на Морехон воспоставува навистина впечатливи релации помеѓу незгасливите внатрешни копнежи и речиси посесивно афективните детали од надворешниот свет што ја опкружува… Таа е извонредно образован и надарен поет, кој знае заедно да ги сплоти денот и ноќта, политичкото и личното и затоа е една од водечките црни жени поети.
Џун Џордан

Колку само свежо и речиси несфатливо лесно се читаат песните на една црна жена која е во мир со својата земја и светот. Прекрасните и страсните песни на Нанси Морехон ни кажуваат што значи да се живее како дел од една револуција, која за нејзе и за нејзиниот народ е успешна.
Алис Вокер

Јас имам голем респект и најдлабока љубов за поезијата на Нанси Морехон. Таа пее толку јасно, толку резонантно и правично. Нејзиното дело зрачи со лиричност и магичност; неговата текстура и слоевитост се базирани врз чиста метафоричност и ни откриваат, слој по слој… убедливо, една потрага по правичност, надеж и вистинска слобода.
Ендру Салки

Со силина и свежо сладострастие на јазикост, Нанси Морехон успева да создаде поезија со таква моќ што, покрај нејзината неверојатна трогателност, истовремено е и лирска и револуционерна.
Одра Лорд

Поезијата на Нанси Морехон ја наследува, но истовремено бара и да ја промовира новородената културна целина на кубанското општество; тоа е исто така поезија која никогаш не пропушта можност да искоментира современи политички настани и теми, да се занимава со историски потраги… со танцот, песната и музиката на разноликата и разнородната хибридна традиција, како и на сега веќе автохтоната кубанска култура.
Џин Ендрјус