Садови од керамика

 

Повеќето од предметите, пронајдени во внатрешноста на неолитските населби, се изработени од керамика. Иако за тоа нема поткрепа во наодите, сосема основано може да се претпостави дека на овој материјал, по застапеноста, му конкурирале дрвото, текстилот и останати органски материи.
Најголем процент на керамички производи се однесува на садовите, и тоа на оние наменети за готвење или за пренос и складирање на храната и водата. Откриени се во разни големини, од најмали па се до оние со зафатнина од неколку десетици литри (веројатно користени за складирање на летнината и залихите на храна од животинско потекло).
Бројни се варијантите на грнци, на плитки и длабоки чинии, како и на топчести садови со висок и стеснет обод. Сите видови, во тоа време сеуште биле обликувани без грнчарско колце, а се печеле на не особено висока температура (не поголема од 400-500 степени Целзиусови).

Покрај базичната форма и бојата на глината (која пред се зависи од техниката на печењето) посебно обележје на неолитските садови им давале и вештините на нивното декорирање. По основното обликување, некои од нив биле прскани со разредена глина, со што садот добил рапава површина која, покрај естетскиот момент, придонесувала за негово посигурно држење в раце.
Телото на други садови било орнаментирано со низа отпечатоци на прстите или на ноктите од изработувачот (според димензиите и обликот на прстите биле главно жени) или од различно профилирани алатки.
Ако претходните техники, пред се, се однесувале на утилитарната керамика, тогаш следните украсни техники, кои вклучуваат боење, се однесуваат на луксузна керамика, главно наменета за култот. При оваа техника биле користени бои од минерално потекло, кои по растворањето во некој органски материјал, во вид на густ раствор или паста, биле нанесувани врз готовиот сад и потоа макотрпно полирани.
Откако ќе се добиел овој основен монохромен фон (по боја од интензивно црвен, портокалов и окер до кафеав и црн), врз него со многу понестабилна боја (најчесто бела или темно кафеава) се досликувале орнаменти (низи од спирали, паралелни, брановидни и мрежасто вкрстени линии...). Се смета дека оваа орнаментика, пред се имала функција да евоцира одредени симболички значења, поврзани со култот (ромб и триаголник: симбол на женскиот принцип, вулва, земја, нива, плодност... ; брановидни линии: вода; снопови од вертикални линии: поле; поврзани спирали: движење, континуитет...). Може да се предпостави дека култните садови, во најчест случај, служеле преку нив на демоните, божествата или на предците да им се принесе жртва во вид на некоја драгоцена материја (масло, млеко, крв, плодови...).

Сите права задржани
' Институт за информатика'
'Центар за дигитизација на културно наследство'
'Музеј на град Скопје'