Големата мајка-серодителка

 

Многу вешто и со големо уметничко чувство обединети се основните сваќања за култот на плодноста и напорите за негово автентично приближување и ставање во функција на основните животни потреби. Неговото тело, иако на прв поглед делува како да е составено од две независни фигурални половини (антропоморфна и архитектонска), претставува скулптурна целина. Горната половина на жртвеникот ја означува Божицата персонифицирана во изгледот на жената. Таа е допојасна со стилизирано цилиндрично тело, внатре празно, слеано со главата која завршува рамно и со кружен отвор на темето. Лицето и е плоско, има врежани очи (кружни), лажни веѓи и голем нос клунесто подвиткан, а на челото неколку прамени коса. Околу вратот кој не е потенциран има накит. Задниот дел од главата го прекрива коса, назначена со вдлабнатинки, елегантно прибрана во необична “ фризура”. Што се однесува до градите тие се пластични, испупчени, а стомакот топчесто испакнат, додека папокот е даден во форма на вдлабната петлица. Наративниот изглед на фигурата го збогатуваат рацете кои се раширени и свиткани во лактите и со шаките лесно наслонети на покривот од објектот што ја означува долната половина на жртвеникот. Горниот и долниот дел исто така се украсени со накит (по две кружни алки).

Сите права задржани
' Институт за информатика'
'Центар за дигитизација на културно наследство'
'Музеј на град Скопје'

Големата мајка-серодителка, култ на плодноста

Архитектонската форма на овој објект потсетува на модел на куќа. Има рамен покрив, четвртаста основа и прави ѕидови, украсени со два отвори еден наспроти друг.
Фигурата на божицата и моделот биле независно моделирани и потоа поврзани, пред самото печење.
Со ваквата ликовна концепција постигната е основна култна и религиозна цел. Претставена е Големата мајка како матрона на храмот, заштитничка на домот и семејството, мајка хранителка, особа со силна алтропејска моќ, моќ за андрогиност, космогона улога и со многу други боженствени функции. Но надвор од тоа, во нејзиниот наративен изглед е поистоветен изгледот на тогашната жена, нејзините чувства за китење и допадливост (претстава на белезници, фризура).