Местоположба





ПЕШТЕРА ВО КРАТОВСКО СЕЛО ТРНОВЕЦ


 
На легендите за Крали Марко во Македонија им нема крај. Речиси нема делче од земјава кое во себе не крие некој спомен за овој јунак, натчовек, некоја приказна за неговиот живот, а има и такви кои до ден-денес ги негуваат и ги одржуваат местата каде што Крали Марко престојувал. Дека тој живеел во карпите наречени Маркови Кули кај Прилеп знаат сите, но мал е бројот на оние што знаат дека тој имал своја куќа или прибежиште и во кратовското село Трновец, во пределот кој е прогласен за резерват на карпеста уметност.


Марковата Куќа во селото Трновец е мала пештера, издлабена во највисоката карпа на еден рид над Крива Река. До неа се стигнува по екстремно стрмни козји патеки и треба вистински напор за да се влезе внатре. Едно мало окно е влезна врата во пештерата, за која селаните велат дека се вика мала порта. Таа гледа кон карпата и виси над бездна од околу сто метри. Само еден погрешен чекор, и може да се заврши во водите на Крива Река. Влезот кој Крали Марко го користел е големата порта. Таа гледа кон реката и од неа денес е невозможно да се влезе. Легендата вели дека Крали Марко можел од долу, од реката, право угоре по карпите да се искачи до врвот и да влезе во пештерата од големата порта.


Внатре во пештерата, во централниот дел, издлабен во камен е столот на кој седел Крали Марко. На карпата каде што се седалото и потпирачот каменот е измазнет и направен речиси проsирен. Тоа, како што раскажуваат селаните, е од кожите со кои бил наметнат Крали Марко. Во пештерата има издлабено место и за стомните од кои пиел вода јунакот, а за една вдлабнатина во карпата, селаните велат дека е трага од стапалото на Крали Марко.
"Во оваа пештера, според легендата, Крали Марко поминувал малку време. Овде седел кога бил на минување додека шетал низ Македонија. Кога имало потреба да го одбрани народот од овие краишта, тој доаѓал и се сместувал во пештерата која сам ја издлабил", вели Душко Алексовски, човекот кој откри дека Македонија им карпеста уметност.
Од големата порта има поглед на голем дел од долината, по текот на Крива Река. Селаните веруваат дека Крали Марко не случајно го одбрал тој дел.
"Тука Крали Марко во заседа ги чекал Турците кои правеле зулуми и им наплаќал за маката на нашиот народ. Пештерата е над еден свијок на реката и од неа се гледаат двата правци во кои таа се протега. На кое друго место да се сместел, немало да има таква прегледност", раскажува дедо Раде од куќите кои се најблиску до Марковата Куќа.
Тој вели дека за пештерата дознал од својот дедо, а легендата веќе им ја пренел и на своите внуци. Тој се сеќава дека меѓу децата од овој крај мерило за јунаштво било некој да се искачи во пештерата од реката и да влезе преку големата порта.
"Во долот во реката има базен, место каде што се собира водата, кое ние така си го викаме. Откако се сеќавам, во лето, таму се бањаме, а додека си во вода, можеш најубаво да ја видиш пештерата. За нас беше предизвик да се искачиме до неа, да седнеме на местото каде што седел Крали Марко и од таму да им викнеме на луѓето што се долу", вели дедо Раде.
До Марковата Куќа има уште една голема карпа на која на сите страни се забележуваат траги од обработка на каменот. Душко Алексовски, кој детаљно ги проучил карпите во овој предел, вели дека таа карпа, најверојатно, во праисторијата била место за погребални церемонии, а веднаш до неа има и гробови кои денес се забележуваат како купчиња камења. Целиот простор околу Марковата Куќа е прекопан. Има дупки длабоки и по неколку метри, а кршени се и карпите. Алексовски вели дека тоа го прават дивите копачи на злато кои, следејќи ги знаците во карпите, мислат дека тие покажуваат некое скриено богатство и ја уништуваат природата.
"Овој предел не случајно е прогласен за резерват на карпеста уметност. На речиси сите карпи има писмо во вид на симболи. Вдлабени се крстови, куполи и форми кои луѓето во праисторијата најверојатно ги доживувале како божества и затоа ги цртале на карпите. Тие за нас се неразбирливи. Се уште не можеме да ги дешифрираме. Најголема пречка во дешифрирањето ни е тоа што овие исти знаци се среќаваат насекаде низ Македонија по карпите и немаме со што да ги споредиме за да можеме да разбереме што сакале да ни остават во наследство нашите предци, но се надевам дека некој ќе успее да ја реши мистеријата. Овие знаци се обидуваат да ги читаат и дивите копачи на злато. Тие сметаат дека различните крстови со вдлабени точки и куполи означуваат некое закопано злато. Тие, буквално, го имаат преорано овој терен. Дури и карпите ги распукале со динамит", вели Алексовски.
Дел од овие трагачи по злато копале и кај Марковата Куќа, во делот за кој Алексовски вели дека бил простор за извршување погребални церемонии. Тие направиле неколку дупки на местото на гробовите и откако не нашле ништо, си заминале. Но почнале да им се случуваат лоши работи и да им се влошува здравствената состојба.
"Им се сонило дека треба да отидат кај некој оџа за да им каже што им се случува. Така и направиле. Оџата им кажал дека чепкале во некои муслимански гробови и ги вознемириле мртвите, а за да им помине маката, мораат да однесат дел од Коранот, напишан на мермерна плоча, и да направат sид на местото каде што копале, на кое ќе стои плочата. Луѓето го послушале оџата и мермерната плоча денес стои покрај скалите на некогашното место за погребални ритуали. Направиле и sид, се гледа дека е дополнително граден и го нарушува изгледот на целиот простор. Тука од камен е направен дел каде што стоело мртвото тело, а на повисоко место на карпата има седало каде што седел и ја надгледувал церемонијата некој од побитните луѓе", вели Алексовски.
Неговиот став е дека симболите кои се наоѓаат на карпите околу Марковата Куќа, како и во целиот предел кој е прогласен за резерват, не се вдлабени со цел да означат богатство туку дека се работи за македонското културно, историско, уметничко, лингвистичко и филозофско религиозно наследство. Дел од тие знаци Алексовски вели дека се писмо на луѓето кои живееле на тие простори уште 32 милениум пред новата ера. Токму поради овие прастари знаци целиот предел е прогласен за резерват на карпеста уметност од Светската федерација за карпеста уметност со седиште во Мелбурн, Австралија. Иако е резерват, делот е запуштен, а некој и да сака да ја види пештерата Маркова Куќа, сам, без водич од селото, нема да ја најде бидејќи нема ниту ознака ниту, пак, патека која води до неа.
Маја Илиевска

 

 

 

 

Webmaster, Институт за информатика, Скопје
Copyright© Сите права задржани 2006