Галерија 9





Марко како вазал

Одредувањето на почетокот на вазалитетот на кралот Марко кон Турците, претставува тешка задача. Немањето на конкретни податоци во изворите за тоа, остават простор за изнесување на многу тези и мислења. Кај некои историчари владее мислењето дека Марко станал турски вазал по Маричката битка.

Така на пример, Матанов, воопшто не се сомнева во тоа и како аргумент го наведува писмото на папата Григориј IV, од 14 мај 1372 година , до унгарскиот крал. Во него се вели, дека Турците покориле некои српски феудалци во “грчките земји” и стигнале до границите на Србија, Унгарија и Албанија.

Просто е несфатливо, како може Матанов, врз основа на едно вакво писмо, да заземе категорички став, во врска со прашањето на вазалитетот на Марко. Како прво, папата е географски многу далеку, посебно за тоа време, од местата на дејствата. Потоа, неговото неопределено кажување за турските освојувања, на овие територии. Не треба да се заборави дека, кај тогашните папи, била многу популарна идејата за “крстоносните походи” против неверниците и во своите кажувања, се служеле со преувеличувања, да ги натераат европските владетели, да преземат поход против неверниците. А и во науката, нема никакви податоци, за вазалитет на Марко кон султанот, во седумдесетите години на XIV век. Тоа е така, бидејќи Турците не пројавиле никакви експанзионистички  претензии  кон  териториите  на Марко, затоа што биле многу далеку.

Турците започнале голема офанзива, во почетокот на осумдесетите години на XIV век. Во врска со овие офанзиви, другата група на историчари, го доведува прашањето за паѓањето на Марко, под вазалитетот на Турците, што е многу пологично.

Со првата офанзива и нејзината прва етапа, раководел Хајредин паша и била насочена против Сер, во Источна Македонија. Градот бил опседнат кон крајот на 1382 година и освоен на 19 септември 1383 година. Со тоа била освоена Источна Македонија и отворен патот кон централните и западните територии на Македонија.

За османските навлегувања, како извори се користат турските хроники кои се несигурни, ама доста често и единствени извори.

Османските походи продолжиле, со втората етапа раководел румелискиот беглербег, Тимурташ паша. Походот започнал во 787 година по хиџра, односно помеѓу 12 февруари 1385 и 1 февруари 1386 година, по хрониката на Ашик паша Заде, за периодот од 1359 до 1466 година.107 Додека пак во други хроники, како година на почеток на походот се смета 784 година по хиџра, односно помеѓу 17 март 1382 и 5 март 1383 година.108

Сепак како точна хронологија се зема хрониката на Ашик паша Заде, бидејќи како што вели и самиот тој, а и Солак Заде, Сер веќе бил освоен. За Сер имаме точен датум, што би бил во 785 година по хиџра, така што хронологијата на другите хроничари отпаѓа.

            Походот на Тимурташ, започнал во пролетта 1385 година, значи поминало извесно време, со цел да се собере поголема војска.Тој поход бил насочен кон териториите западно од реката Вардар, како резултат на него биле освоени Прилеп и Битола, извршен пробив кон Албанија и неуспешна краткотрајна опсада на Солун.

            Во врска со овој поход на Тимурташ, во турските хроники се појавуваат покуси или пошироки податоци, но најдобро за него известува Идриз Битлиси, кој се смета за извор од прв ред и тој е најисцрпен извор за потчинувањето на Пелагонија.111 Од сите турски хроники, што известуваат за походот на Тимурташ, можеме приближно да ги реконструираме настаните.Така,Тимурташ ја повел својата војска од Сер преку Дојран и Демир Капија, кој е најкраткиот пат кон Пелагонија.112 Аџиевски допушта, дека еден дел од турската војска, можно е да го користел патот   Виа  Егнација  и  да  влегла  во  Пелагонија  од  југ  преку  Килит Дервин.

Прв на удар се нашол Прилеп, престолнината на државата на кралот Марко. Аџиевски смета дека е можно, главна цел на овој поход да е ликвидирањето на државата на Марко.114

            Тимурташ го опседнал Прилеп, но опсадата била симната, бидејќи бранителите брзо се предале. Тие поднеле разумни услови, побарале мир и заштита го предале градот и тврдината како што известува Идриз Битлиси.

                 Со тоа бил потчинет Прилеп и Тимурташ се упатил со војска кон југ и ја нападнал Битола. Но, за разлика од Прилеп, бранителите на Битола дале жесток отпор на освојувачите. Опсадата траела долго, но, со големи напори и залагања Турците успеале да го скршат отпорот на бранителите и да ја освојат Битола. Потоа градот бил изложен на разурнување и пљачкање од страна на освојувачите. Можно е тогаш да биле разрушени градските зидини и тврдината, но не е сигурно. Се знае само дека тие биле разрушени во османскиот период.

            Во сите тие настани, кои се случувале во врска со заземањето на Прилеп и Битола, турските хроники никаде не го споменуваат името на кралот Марко. Тоа е малку чудно, бидејќи  како што наведува Стојановски, Марко како владетел  мора да дошол во судир со Турците, бидејќи биле загрозени неговите владеења. Од ова, тој заклучува дека тогаш Марко потпаѓа под вазалството на Турците.

            Аџиевски е на истото мислење, дека Марко станува вазал на Турците во  1385 година.  Додека  за  отсуството на Марко,  од  изворите смета, дека            во тоа време Марко е само обичен феудалец, со кралска титула. Дека Марко немал некоја позначајна улога во настаните на Балканот и дека неговите владеења се помали, од териториите на покрупните феудалци. И како резултат на тие факти, не доаѓа до негово споменување во изворите.

            Во врска со отсуството на Марко од изворите, Аџиевски ги наведува истражувањата на германскиот ориенталист, Бабингер. Во хрониката на Ашик паша Заде е спомнат “Карли-или”,кој е освоен по заземањето на Прилеп и Битола.119 Бабингер, во врска со “Карли-или”, смета дека тоа би можело да биде прилепската област, односно “Карли-или” би значело “кралева област”. Ова тврдење на Бабингер, не може со ништо да се потврди и додека да се утврди точното читање и значење на зборот “Карли”, не може ништо да се тврди категорички, 120 иако во последно време се повеќе се прифаќа мислењето дека тоа било земјата на Карло Топија.

            По заземањето на Прилеп и Битола, Стојановски смета, дека со наметнувањето на вазалитетот над Марко, Турците за да предупредат дека вазалните обврски мора да се почитуваат, стационирале турски гарнизони.

                Аџиевски наведува, дека не се знае дали дошло до стационирање на турски гарнизони, воспоставување на османски систем или само на вазален однос. Но, го наведува примерот со соседните области во Албанија, кои потпаднале под вазален однос во исто време кога и Марко, но директна османска власт била воспоставена во 1394 година, со вториот продор на Османлиите. Врз основа на тоа, заклучува дека и во државата на Марко, не била воспоставена директна турска власт.

Сепак Аџиевски, допушта во 1385 година, да била воспоставена директна турска власт, во Битола и Охрид, кои биле важни пунктови на Виа Егнација за понатамошните турски продори.

Користејќи го фактот дека турските хроникии не кажуваат ништо за Марко, Атанасовски дава свое мислење во врска со годината, кога Марко станал турски вазал што е поразлично од другите.  Тој смета дека Марко станал турски вазал во периодот по 1386 годна, а пред 1393 година. Атанасовски не ги прифаќа аргументите на Аџиевски во врска со вазалството на Марко. Тој смета дека главна цел на турскиот поход била да се обезбеди премин по патот Виа Егнатија од Солун до Драч. додека пак походите кон Србија, се одвивале по патот Пловдив - Ихтиман - Ќустендил и дека на тој начин ,териториите на Прилепското кралство помеѓу Прилеп, Велес, Скопје и Кичево, останале надвор од османските походи. Со тоа го објаснува отсуството на Марко и неговите браќа од изворите. Понатаму наведува, дека во околината на Скопје, се наоѓа фамилијарната задужбина на Волкашин и Марко, а на реката Треска на Андреаш, вториот брат. Турското освојување на Скопје, се случило во периодот од 1 септември 1391 до 6 јануари 1392 година и после тоа имало судири на Турците, со некои нивни непријатели, кои се разбегале по пештери и по планини. Притоа не наведува Атанасовски, дали смета, дека меѓу турските непријатели се наоѓале Марко и неговите браќа.

Марко не е наведен, ни меѓу учесниците на состанокот на султанот Бајазит со неговите вазали, што се одржал зимата 1393/94 година во Сер. Атанасовски и Стојановски, сметаат нека Марко не учествувал на тој состанок.      

Аџиевски наведува дека во литературата се смета дека Марко учествувал и дека на состанокот не се наведени и други христијански владетели, кој учествувале на состанокот. Во врска со исполнувањето на вазалните односи на Марко, кон султанот се соочуваме со недостаток на извори, како впрочем и за целата негова дејност за која имаме многу малку податоци. Па затоа е тешко да се каже, кои задолженија  и обврски ги имал Марко кон султанот. Дали му плаќал годишен данок и во кои воени походи учествувал на страна на својот сизерен.128

Во врска со учеството на Марко во воените походи, интересен е текстот на Музафер Туфан, кој го изнел на научниот собир во Прилеп 1995 гогина, по повот шестогодишнината од смртта на Марко. Тој во својот текст вели дека Марко, учествувал во битката на Косово поле во 1389 година, велејќи дека тоа стои запишано во турските хроники. Тој ги наведува делата на И. Х. Узунчаршили и И.Х.Данишменд. Во едното дело се вели “Синовите на Волкашин, ... , се приклониле при Османлискиот владетел и потоа заедно со Османлиската армија дошле на Косовската битка”.   Сепак ова треба внимателно да се провери да се види авторите на овие две дела, кои извори ги користеле и да се утврди колку може да им се верува на овие двајца автори.

Потоа Наумов вели дека Марко учествувал во походите на Бајазит во Мала Азија, веднаш по Косовската битка, во периодот 1390-1392 година. Сепак и за ова треба да се утврдат изворите, кои ги користел Наумов, освен песните во кои наоѓа основа за поткрепа за ова свое мислење.

Единствено од современите извори е потврдено учеството на Марко, во походите на султанот е битката на Ровине, од 17 мај 1395 година. За таа битка Марко и Константин Драгаш биле повикани од султанот во борба против унгарскиот крал Сигисмунд и неговиот штитеник, влашкиот војвода Јован Мирче. Во таа битка загинале и Марко и Константин.

Пред битката, Марко рекол “Јас велам и го молам Бога да им помогне на христијаните, а јас нека бидам меѓу првите мртви во оваа војна.” Од овие зборови се гледа дека Марко учествувал против своја волја во походот на Бајазит.

По смртта на Марко, престанал и вазалниот однос на Прилепското кралство и најверојатно уште во 1395 година била воспоставена непосредна турска власт.

 

 

Webmaster, Институт за информатика, Скопје
Copyright© Сите права задржани 2006