Галерија 8





Политика

Покрај, политичкото издигнување на Прилеп, во времето на Волкашин и Марко, се случил и негов духовен просперитет.Седиштето на пелагониската епископија од Битола, во тој период била преместена во Прилеп.Извори за тоа нема, но Аџиевски смета, дека од податоците што ги даваат подоцнежните турски хроники, во кој се вели дека Прилеп во XV век бил митрополитско седиште е солидна основа да се тврди тоа.

Додека пак седиште на пелагонискиот митрополит, станала прилепската катедрална црква”Св.Јован Претеча (Продром)”. Денес црквата   не    е   зачувана,   а   не  е  можно  да  се  утврди,  ни  нејзинатасредновековна локација. Од тој период е најден и еден Минеј, во кој за месеците се употребуваат народни имиња. Така за месец ноември е забележано неговото народно име-груден, од што се гледа дека во државата на Марко, биле во употреба народните имиња за месеците.

Поради недостиг на податоци, не се знае дали кралот Марко во својата држава ја делел власта со мајка си и браќата.

Кралицата Елена, вдовицата на Волкашин, (во монаштво Елисавета), во народната памет и од натписите на монетите, била позната и фигурирала како Ефросина. Од неа се зачувани околу 70 монети, кои ги ковала самостојно. Матанов за релативно големиот број на монети дава две објаснувања. Првото е дека кралицата Елена имала своја монетоковница уште пред 1371 година, но за тоа немало докази. Второто објаснување е дека, Елена управувала самостојно со дел од териториите наследени од Волкашин, најверојатно во западниот дел од неговата држава. Датирањето на ковањето на монетите, го лоцира во почетокот на седумдесетите години на XIV век и дека траело до 1373 година. Кралицата Елена умира после 1376-1377 година.

Марко имал уште три браќа: Андреаш, Иваниш и Димитар(Митраш).

Андреаш, единствено од нив се споменува пред 1371 година во грамотата на Волкашин за Дубровчаните од 5 април 1370 година. Од него имаме зачувано 26 монети и со негови средства бил изграден и живописен манастирот”Св. Андреј” на брегот на реката  Треска. Таму се наоѓа и неговиот ктиторски натпис и грамотата на зидот, во кој се наведува како”втори син на благоверниот крал Волкашин и Елена”,не споменувајќи го Марко.94 Матанов, користејќи ги овие податоци, мисли дека Андреаш управувал со северозападните територии на татко му, самостојно уште пред 1373 година, наведувајќи дека поголемиот дел од неговите монети се откриени во Кичевската остава (датирана 1373 година). Андреаш се споменува уште во 1394 година, кога со Димитар се појавиле во Дубровник, за да го бараат својот дел од оставнината на Волкашин. Тие на 10 август 1394 година, го земаат депозитот и заминуваат во Унгарија. За понатамошната дејност на Андреаш ништо не се знае, но сигурно е дека во август 1399 година, веќе не бил жив, бидејќи Димитар бил сам во Дубровник, да го зема депозитот од загинатиот Марко.

Иваниш, бил третиот син на кралот Волкашин. За него се знае, дека со свои приврзаници избегал во Зета. Таму, тој заедно со Балша II Балшиќ, во 1385 година, загинал во битката против Османлиите на Саурското поле, кај Берат (денешна Албанија).

Димитар (Митраш) бил најмладиот син на Волкашин и тој не управувал со посебна област во Македонија.Тој е ктитор на црквата “Св. Никола” во Прилеп. Тој двапати  се  наведува  во  дубровничките документи, во 1394 и 1399 година, кога  доаѓа да ги подигне  депозитите, првин од татко му Волкашин, а потоа од Марко. Се смета дека во почетокот на XV век, се издигнал за кастелан на унгарската тврдина, Вилагош и жупан на областа Заранд. Тој загинал во судир со Турците, служејќи му на унгарскиот крал Жигмунд, притоа не оставајќи наследници. Единствено Андреаш оставил наследник, син, Неделко Момчило, кој бил татко на сопругата на босанскиот феудалец, Степан Косач.

Од овие податоци за кралицата Елена и нејзиниот синови, Матанов, заклучува дека Марко не бил единствениот наследник на владеењата на Волкашин. Туку, дека покрај него се појавуваат како самостојни владетели и мајка му, Елена и брат му, Андреаш.

 

Webmaster, Институт за информатика, Скопје
Copyright© Сите права задржани 2006