Галерија 7





Територија

Марко не успеал да ги зачува долго своите владеења, бидејки голем дел од феудалците се одвоиле од Марко и почнале самостојно да владеат. Во поделбата на поседите на Марко учествувале феудалците од   Македонија   и   Јужна    Србија,    нивните    роднини   Балшиќите  и Бранковиќите, Византија но не и Турците.

Најпрвин од Марковата држава, отпаднала Серската држава, која во ноември 1371 година, ја зазел солунскиот деспот, Мануел Палеолог и со тоа влегла во византиската држава, а тогаш е можно да паднала и струмичката област под византиска власт.63 Потоа, Ѓураѓ Бранковиќ (зет од сестра на Марко), пред септември 1372 година му го одзел Призрен, а кнезот Лазар, во истиот тој период ги зазел Ново Брдо и Приштина.64

Териториите источно од реката Вардар, до средината на седумдесетите години од XIV век, ги освоиле браќата Јован и Константин Драгаш, кои издавале самостојно повелби. Во овие територии влегувале градовите Куманово, Велбужд, Прешево, Кочани, Штип и Струмица.66

Кога отпаднал Охрид, вториот по значај град во државата на Марко, не е познато. Но, се знае од ктиторскиот натпис во црквата “Мал Св. Климент” од 10 јули 1378 година, дека господар на Охрид бил великиот жупан, Андреа Гропа.

Гропа ја почнал својата кариера, уште за време на Волкашин, а во првите години од владеењето на Марко, ја признавал неговата власт, за да со слабеењето на централната власт, почне да се осамостојува. Во осамостојувањето на Гропа голема улога одиграл неговиот дедо, албанскиот феудалец Андреа II Музаки, кој во тоа време бил во судир со Марко за градот Костур. Гропа во тоа време, најверојатно ја отфрлил власта на Марко и заедно со Балша Балшиќ, исто така зет на Музаки, му помогнале на својот дедо да го освои Костур. Според Аџиевски, тоа најверојатно се случило кон средината или почетокот на седумдесетите години од XIV век.  

Додека пак, за освојувањето на Костур, Мавро Орбин кажува дека бил освоен од Балша Балшиќ, кој со помош на Марковата неверна сопруга Елена, која го пуштила во градот под услов да ја земе за жена, го освоил. Марко потоа извршил неуспешна опсада, па се повлекол, а Балша потоа се вратил во Зета заедно со Елена, која подоцна ја избркал. Сепак ова кажување во литературата е помалку прифатено, повеќе и се верува на хрониката на Џовани Музаки, која ја прифаќаат Аџиевски и Матанов.

Радослав Хлапен бил јужниот сосед на Марко и не се знае точно кога се одметнал од Марковата држава. Хлапен првин ја признавал власта на Волкашин, што било потврдено и со брак помеѓу ќерката на Хлапен, Елена и Марко, што се случил на почетокот на шеесетите години на XIV век. Но, тој брак бил прекинат неколку години, пред Маричката  битка,  што  довело  до    заладување   на   односите   помеѓу Марко и Хлапен. После Маричката битка и загинувањето на Волкашин и Углеша, Марко бил принуден да ги среди односите со Хлапен.71 За тоа, како го направил Марко тоа гледаме од книгата на дијакот Добре, кој кажува дека “...во дните на благоверниот крал Марко, кога му ја предаде (врати назад) Тодора, Гргуровата жена на Хлапен, а ја зеде својата првовенчана жена Елена, Хлапенова ќерка.” Значи со враќањето на Елена, за жена на Марко, односите со Хлапен биле средени и Марко ја зацврстил разнишаната положба во јужните делови. Но, добрите односи не траеле долго, бидејки Марко го раскинал повторно бракот со Елена. Тоа се случило во првата половина од седумдесетите години на XIV век. Со тоа дошло до дефинитивно раскинување на Марко со Хлапен, што го гледаме и од неучеството на Хлапен на страната на Марко во борбата за Костур, против Андреа II Музаки и неговите зетовци.

 Марко го губи и Скопје, во почетокот на втората половина од седумдесетите години на XIV век, од страна на Вук Бранковиќ. За тоа сведочи повелбата од 1376/77 година која Вук самостојно ја издава без да го спомене Марко. Во првите години по Маричката битка, Вук и брат му Гргур Бранковиќ, ја признавале власта на Марко, а потоа се приклониле кон кнезот Лазар, кој бил дедо на Вук. На тој начин Вук го освоил Скопје со северните и западните делови на скопската котлина. По сите овие отцепувања на соседните феудалци, кои порано ја признавале власта на Марко, неговата територија се протегала на Пелагонија и централните области на север и исток од неа.

 

 

Webmaster, Институт за информатика, Скопје
Copyright© Сите права задржани 2006