Галерија 5




Владеење на Марко

Во есента 1371 година, по загинувањето на Волкашин, Марко бил прогласен за крал. Тој во периодот од 26 септември 1371 година до 2-4 декември 1371 година, бил формално-правно  совладател на Урош, а по неговата смрт и негов наследник. Но, фактичката состојба била поинаква, бидејки никаде во изворите нема податоци дека Марко бил совладетел и наследник на царот Урош.

По смртта на Урош, Српското царство се распаднало на повеќе дела, а едно од нив е Марковото кралство, со центар во Прилеп. Марко, по стапувањето на кралскиот престол имал големи претензии и амбиции. Тоа го гледаме од фреските во црквата “Св Архангел” во Прилеп и во црквата “Св. Димитрија” кај Скопје.

Фреските од црквата “Св Архангел” го одразуваат доаѓањето на Марко на власт и неговата жал за татко му. Марко е со владетелски инсигнии, жезло и повелба, во моментот кога божјата рака му ја става круната на глава. Облечен е во бел сакос, облека за жалост, што ја означува жалта на Марко за татко му.Од овде може да се види дека фреската била насликана набрзо по Маричката битка. На неа е испишан натписот “во Христа  Бога  верен  крал  Марко”,  на  фреската околу ликот на Марко. 

Додека пак, фреските од црквата “Св. Димитрија”, кои се датираат од 1376/77 година, го прикажуваат доаѓањето на престолот на Марко. Тој на главата носи круна со висечки ниски бисери, облечен е во пурпурен дивитисион, украсен со бисери и скапоцени камења. Во левата рака има свиток со натпис “Јас, во Христа Бога, благоверни крал Марко го создадов и го испишав овој Божествен храм”, поради што оваа црква е позната и како Марков манастир. Во десната рака држел окован рог на старозаветните еврејски кралеви, со што се јавува како “втор Давид”.  Портретите на Марко и Волкашин и во двете цркви се претставени на црвена позадина, симбол на владетелското достоинство во Византија и во околните јужнословенски земји.55

Во првите години од своето владеење, Марко успеал да ги зачува најголемиот дел од наследените територии, кои по пространство биле поголеми од териториите, на било кој друг феудалец од бившото Српско царство. Тоа траело до средината на осмата деценија од XIV век.

Власта на Марко била признаена од околните македонски феудални владетели.56 Матанов, смета дека врховната власт на Марко, ја признавале и кнезот Лазар и жупанот Никола Алтомановиќ. Тој, тоа го тврди врз основа на тоа што, овие феудалци ковале свои монети во Охридската монетарница до 1373 година.

Аџиевски   овие  негови  аргументи  ги  отфрла,  наведувајки  дека кнезот Лазар имал своја ковница во Ново Брдо, а жупанот Никола Алтомановиќ од 1372 година го држел Рудник и дека бил голем непријател на Волкашин и Углеша.

Во подоцнежните извори, се наведува дека кралот Марко земал учество во граѓанската војна во Византија од 1373 година. Тој го подржал Андроник IV Палеолог (1376-1379), во борбата против неговиот татко, императорот Јован V Палеолог (1341-1391) и неговиот помал брат Мануел II (1391-1425).

Матанов, во прилог на Марковото учество во граѓанската војна ги наведува добрите односи, кога пратиништвото на Углеша било примено од Андроник IV во Цариград, потоа незадоволството на Марко, од освојувањата на Мануел во југоисточна Македонија. Потоа наведува дека во 1376 година, кога победил Андроник IV во битката за престолот, владеењата на Мануел биле уништени.

Аџиевски пак, се сомнева колку Марко бил во можност да учествува во тие борби, со оглед на внатрешните борби во својата држава и неговата оддалеченост од Цариград.

 

 

Webmaster, Институт за информатика, Скопје
Copyright© Сите права задржани 2006