Галерија 4





Смртта на Волкашин

 

Кон крајот на шеесетите години на XIV век, посведочено е Марковото присуство во Призрен, каде по негова наредба и со негов откуп била изградена и живописана црквата “Св. Недела”. А таа била завршена и живописана во 6879 година, според византиското сметање на времето (1 септември 1370- 31 август 1371).41 Присуството на Марко во Призрен, се поврзува со неговото учество во подготовките, а најверојатно и учеството во битката на Косово поле во 1369 година, против војските на Никола Алтомановиќ, кнез Лазар и цар Урош.

Во јуни 1371 година, Марко заедно со татко му Волкашин и Балшиќите, учествувал во подготовките за напад на хумскиот жупан, Никола Алтомановиќ. За тоа, известуваат документите од Дубровничката република кои го споменуваат Марко, во околината на Скадар. Но, походот бил одложен, бидејќи Волкашин го прифатил повикот на брат му Углеша ,за  поход против Турците.

Волкашин, пред да тргне во поход против Турците, му ја дал титулата “млад крал” на Марко. Периодот, кога Марко можел да ја добие титулата е помеѓу 10 јуни 1371 година, кога  се  споменува  Марко во дубровничките документи без титула и 31 август 1371 година кога завршува византиската 6879 година, кога е завршена изградбата на призренската црква, каде веќе го среќаваме со титулата “млад крал”

Ова датирање за добивањето на титулата на Марко го прифаќа и Атанасовски.  Додека пак, кај Аџиевски е наведен периодот помеѓу 10 јуни 1370 и 31 август 1370 година. Можно е во книгата на Аџиевски да дошло до печатна грешка, бидејќи и самиот го подржува мислењето на Матанов.

Деспотот Јован Углеша немал деца, па за свои наследници ги сметал првин брат му Волкашин, а потоа внук му Марко. Тоа го гледаме од повелбата, што му ја дал на манастирот Лавра во април 1371 година.  Углеша, во походот против Турците, сакал на своја страна да ја придобие Византија. Тој пуштил свое пратеништво во Цариград и меѓу предлозите на пратеништвото, бил и предлогот за склопување на династички брак, во кој главна улога имал Марко,  кој иако бил оженет, требал да биде главниот кандидат за бракот. Но, изгледа дека на состанокот, не дошло до конкретен предлог, а со тоа ни до склучување на династички брак.

За учеството на Марко, во битката кај Черномен на 26 септември 1371 година, нема во изворите никакви податоци. Се претпоставува дека Марко останал во земјите на Волкашин и Углеша и ги управувал во нивно отсуство и дека таму ги  дочекал  вестите  за  загинувањето  на  на татко му, Волкашин и чичко му, Углеша.

 

Webmaster, Институт за информатика, Скопје
Copyright© Сите права задржани 2006