Галерија 3




Крали Марко

РАНАТА ПОЛИТИЧКА ДЕЈНОСТ НА МАРКО

 

Марко е најстариот син на кралот Димитрија Волкашин и кралицата Елена и најпознат епски јунак кај јужнословенските народи.За неговата рана политичка дејност има многу малку податоци во изворите. Не е позната годината, кога се родил Марко, дури разликата во датирањата е поголема и од десет години.

 Најстар натпис, во кој се споменува Марко е оној од Дреновската црква, кој се датира во 1356 година, кога е живописана црквата. Во натписот се споменува “државата на Никола и Марко”, кои се идентификуваат со Душановиот војсководец, Никола Станевиќ и Марко, синот на Волкашин.

Со овој натпис , Марко се споменува како господар на областа Раец, која се наоѓа источно од Прилеп. Со тоа Марко, ја започнува својата политичка дејност во Македонија, според Аџиевски , во отсуство на неговиот татко, Волкашин ,кој се наоѓал на дворот на Урош, новиот српски цар.

За разлика од Аџиевски, рускиот историчар, Наумов, има дијаметрално спротивно гледиште.Тој го отфрла Дреновскиот натпис и вели дека не е тој Марко,  синот  на  Волкашин.  Тој  смета  дека Марко, тогаш бил премногу млад (15 години) за да управува и дека управувањето на држава од двајца феудалци, не наоѓа потврда во изворите. Наумов, тврди дека полититичката дејност на Марко, започнала некаде во јужна Србија, односно на територијата меѓу Дубровник и Призрен.

Ова гледиште на Наумов за Дреновскиот натпис со резерва го подржува и Атанасовски, кој смета дека во натписот се крие името на благородникот Никола Марко.

 Останува евентуалното пронаоѓање на нови извори, за раната дејност на Марко, да го потврдат или отфрлат Дреновскиот натпис. Иако според мене, аргументите на Аџиевски, за неприсуство во изворите на името Марко за друг благородник освен за синот на Волкашин, не знаењето на точната година на раѓање и дека владеењето на двајца феудалци на иста територија, не е непознат случај, ми делуваат во ред, за потврда на Дреновскиот натпис за раната дејност на Марко.

Марко, повторно се среќава во изворите како водач на пратеништвото на српскиот цар, Урош, во јули 1361 година кај Дубровчаните. Марко имал задача, да им пренесе на Дубровчаните мировни пораки од Урош. Но, сепак мисијата не успеала, што го гледаме од продолжувањето на судирите, помеѓу Дубровчаните и Српското царство. 

Во периодот од 1361 до 1369 година, нема податоци во изворите за Марко,  Наумов  смета  дека Марко во тој период се наоѓал на српскиот двор.

Додека пак, Аџиевски смета, дека Марко управувал со Пелагонија, со центар во Прилеп, притоа проширувајќи ја територијата, за сметка на владеењата на Никола Станевиќ. Од тоа време, датира и постепеното издигање на Марко.

 

 

Webmaster, Институт за информатика, Скопје
Copyright© Сите права задржани 2006