Галерија 2




Српско царство

Во рамките на српското царство во Македонија, постоеле повеќе феудални држави, кои ја признавале власта на Урош. Такви биле, кнежевствата на: деспот Дејан со центар во средновековните жупи Жеглигово и Прешево, потоа на севастократорот Влатко чија што баштина била околу Псача, во областа Славиште. Во пределите околу Радовиш, се наоѓала баштината на великиот војвода Никола. Додека пак со Охрид управувал феудалецот, Бранко Младеновиќ, со синовите Радохна, Гргур и Вук.

Од сите феудалци, кои се појавиле во времето на распаѓањето на српската држава, најмогу се издигнале, во Македонија, браќата Димитрија Волкашии и Јован Углеша. За нивното потекло, не се знае ништо сигурно, бидејки нема податоци во современите извори. Најстари податоци дава, дубровничкиот писател,  Мавро Орбин, кој во 1601 година, ја напишал книгата “Кралството на Словените”. Тој во својата книга вели дека браќата потекнувале од Ливно во Херцеговина, од сиромашниот властелин Мрњава, кого Душан го повикал со фамилијата на својот двор и многу го издигнал.

Поаѓајќи од овие зборови на Орбин, во литературата е прифатено презимето Мрњавчевиќи за оваа фамилија. Но, во поново време,   во   македонската   историографија   се   среќава  противење на презимето Мрњавчевиќи.

Така, Александар Атанасовски, наведува дека никаде во документите не се среќаваат под тоа име. Додека пак, Блаже Ристовски, го употребува презимето, односно ги наведува Волкашин и Углеша како творци на една нова “мрњавчевска” династија.17 А пак, Билјана Ристовска-Јосифовска, за нив го употребува презимето Мрњавчеви.

Во секој случај, додека не се најде некој сигурен извор, прашањето за името и потеклото на оваа фамилија останува отворено бидејќи досега се наведени многу области и градови во литературата, за кои се претпоставува дека можат оттаму да потекнуваат браќата.

Според пишувањето на Лаоник Халкокондил, византиски писател од втората половина на XV век, кој ни го пренесува Коста Аџиевски, на   дворот на Душан, Волкашин ја вршел должноста на пехарник, а Углеша бил негов коњушар. Волкашин напредувал брзо на дворот на Душан, за да кон средината на четириесетите години на XIV век, да управува како жупан со териториите на Северна Пелагонија со Прилеп.

Најверојатно неговата баштина се простирала на територијата помеѓу Прилеп и Скопје и периодот кога ја воспоставил својата власт, со   сигурност  може  да  се  каже,  само   за  terminus  ante quem, дека  е 1344/45 година. Во тоа време Волкашин ја започнал изградбата на неговата задужбина, црквата “Св. Димитрија” (попозната како Марков манастир) во селото Сушица, скопско. Волкашин почнал постепено да се издига, по смртта на Душан бил на дворот на Урош, за да го зајакне авторитетот на централната власт. Неговото издигнување, многу го помогнала царицата Елена, која според Христо Матанов била во роднински врски со Волкашин. Волкашин воспоставил многу фамилијарни врски со благородничките фамилии во Македонија, а и пошироко. Со тоа тој и брат му Углеша, кој од 1365 година е господар на Сер и формирал свое кнежество, успеале да им се наметнат на другите феудалци, до средината на шеесетите години на XIV век и воспоставиле своја хегемонија во Македонија.

Тоа ја достигнало својата кулминација, со прогласувањето на Волкашин за крал, а на Углеша за деспот. Во врска со добивањето на титулите, се отвараат две прашања. Првото прашање се однесува на тоа дали Волкашин ја добил или узурпирал круната, а второто на  периодот кога ја добил титулата.

Денес е јасно, дека Волкашин, кралската круна ја добил од Урош единствениот од кого што и можел да ја добие. Што се однесува пак, за времето кога Волкашин ја добил титулата не се знае. Но, според изворите, може да се види, дека последен пат се споменува без кралската титула во дубровничките документи   во   јануари  1364  година,  а  првпат  со  кралска  титула,  во  јануари 1366 година, во својата прва кралска грамота, што ја издал во Скопје. 

Додека пак, Матанов смета, дека можело да дојде до крунисување уште во 1362 година.

Со крунисувањето, Волкашин, формално-правно станал втор човек во српската држава.Тој улогата на совладетел ја имал до крајот на својот живот,иако од јануари 1366 година, почнал наполно самостојно да владее на своите територии во Македонија.

Волкашин своите владеења ги проширил и во преспанската област, Охрид, на територијата помеѓу Штип, Струмица и Тиквеш, а неговата власт ја признавале и североисточна Македонија, каде управувал севастократорот Влатко, а свое влијание имал и во Бер,Воден и Костур, каде владеел Радослав Хлапен и во Зета-Балшиќите.

Тоа негово издигнување за крал и проширувањето на териториите, ги засегнало феудалците од старите српски земји и направиле коалиција, во која влегле кнезот Лазар Хребељановиќ, жупанот Никола Алтомановиќ, а на нивна страна бил и царот Урош. Во битката што се одиграла на Косово поле, во 1369  година,  војските на браќата Волкашин и Углеша, ги поразиле катастрофално војските на коалицијата. Царот Урош бил заробен, Никола Алтомановиќ бил тешко поразен и едвај успеал жив да се извлече, а кнезот Лазар уште на почетокот на битката се повлекол со својата војска и  не  учествувал  во  борбата. Со тоа браќата ја зацврстиле својата хегемонија.

Во   летото  1371  година,  Волкашин   подготвувал   поход  против Никола Алтомановиќ, но го прекинал, бидејки бил повикан од брат му Углеша, во поход против Турците.

Во битката што се одиграла кај Черномен на реката Марица, на 26 септември 1371 година, Волкашин и Углеша загинале, а нивната војска била катастрофално поразена.

 Со тоа, огромната територија, што ја држеле под своја власт Волкашин и Углеша, останала сега во наследство на жената на Волкашин, кралицата Елена и нивните четири сина: Марко, Андрејаш, Иваниш и Димитриј (Митраш).

 

Webmaster, Институт за информатика, Скопје
Copyright© Сите права задржани 2006