Галерија 10

Крали Марко





Заклучок

Да се пишува за кралот Марко, лик за кого нема човек на Балканот, што не слушнал за неговите јунаштва, а притоа да се има толку малку податоци во изворите е навистина неблагородна работа. Причините за неговата слава, се многубројните песни, кои настанале кај народот за неговите јунаштва. Тоа се должи на фактот, што Марко е последниот христијански крал во Македонија и сеќавањата за него, создавале кај народот потреба да се идеализира неговиот лик. Споменувајќи го Марко, тие сакале да побегнат од тешките времиња што следеле после него. Но, тоа се само песни, во кои Наумов, се обидува да најде некоја историска вистина.

Во современите извори, наоѓаме многу малку податоци за Марко, нема ниеден официјален документ, што го издал тој. Единствено наоѓаме неколку натписи во црквите, каде тој се јавува како ктитор. Немањето на доволно извори, допринеле во историографијата да се јават различни мислења за неговата дејност.

Да се пишува за Марко денес е да се определиш за некое мислење или пак да ги споменеш повеќето, кои се појавуваат во врска со некој проблем од дејноста на Марко. Тоа ќе биде се така, се додека не се пронајдат некои нови податоци за Марко во пишуваните извори или некои нови археолошки наоѓалишта, со кои ќе може конечно да се осветли животната дејност на Марко.

Од податоците што ги имаме денес, ќе дадам едно кратко резиме за животот на Марко.

Не се знае местото и годината на раѓањето на Марко, првиот син на кралот Димитрија Волкашин.Првите податоци за Марко се дека во 1356 година управувал со областа Раец, кој податок е оспоруван во историографијата. Потоа, Марко се појавува како водач на пратеништво во Дубровник во 1361 година. Тој во отсуство на татко му, управувал со териториите што ги поседувал Волкашин во Македонија. Марко непосредно пред Маричката битка, ја добил титулата “млад крал” од татко му, со што станал негов законски наследник. По смртта на Волкашин и брат му Углеша, Марко ги наследил нивните територии и формално-правно станал првин совладетел, а потоа и наследник на српскиот цар, Урош. Но, тоа во практика не било така, бидејќи Марко не бил признаен од поголемите феудалци.

Териториите со кои владеел Марко, постепено почнале да се намалуваат, како резултат на сепаратизмот на феудалците, кои претходно ја признавале неговата власт, а сега се осамостоиле. Кон крајот на седумдесетите години на XIV век, неговите владеења се простирале на Пелагонија и соседните територии. Во пролетта 1385 година започнал походот на Турците, со кои ќе бидат освоени Прилеп и Битола и според мислењето на некои историчари, тоа е времето, кога Марко ќе стане вазал на Турците. За неговото извршување на вазалните обврски немаме сигурни податоци, освен за неговото учество во битката на Ровине, кога ќе го загуби својот живот. Со неговата смрт, доаѓа и до ликвидирање на неговата држава, Прилепското кралство.

Во надеж дека ќе се откријат некои нови податоци за кралот Марко и со тоа ќе стане позната неговата дејност,ќе продолжат да се кажуваат песните за легендарните Маркови јунаштва и кај следните генерации.

 

 

Webmaster, Институт за информатика, Скопје
Copyright© Сите права задржани 2006